Ред во куќа, ред во глава – е стара изрека на која се повикуваат сите уредни и добро организирани луѓе. Тоа се оние што сакаат кога сè е на свое место, кога сè сјае, оние што уживаат во удобен мебел, оние што сакаат и ценат убави работи. Тоа се оние што многу страдаат кога децата ќе им го „демолираат“ домот така што личи на продавница за играчки, за разлика од луѓето, односно родителите, кои имаат висок праг на толеранција за неред и кои не доживуваат нервен слом поради хаос.

Во одбрана на нередот ќе застанат многу научници, вклучувајќи ги и истражувачите од Универзитетот во Ајова, кои тврдат дека докажале оти нередот поттикнува на креативност и нè учи поефикасно и побрзо да ги решаваме логичките задачи, но тоа и понатаму не го решава проблемот со детските соби во кои купот играчки, книги, облека и чевли се шири кон остатокот од домот. Проблемот, барем така тврдат мајките што успеале да се изборат со него, може да се реши со доследно почитување на четири едноставни правила.

Ослободувајте се од вишокот играчки и облека

Правете го тоа редовно, најмалку двапати годишно. Дел од облеката дајте им ја на роднините и пријателите, играчките донирајте ги или тргнете ги настрана, па ротирајте со оние што во моментот се во употреба.

Набавете многу пластични кутии

Најдобри се оние големите, проѕирни и со капак, во кои може да се стават многу предмети. На децата, а и вам ќе ви бидат корисни и за брзо средување на нередот и за потрајно одложување на предметите.

Учете ги децата да бидат уредни

Не можете да очекувате од малото дете да не прави хаос, но затоа собирањето на играчките можете да го претворите во игра. Освен тоа, бидете им добар пример на децата, бидејќи односот кон редот и чистотата се формира и со следењето на примерот од родителите. Кога ќе наполнат пет години, децата може да ги добијат првите посериозни домашни обврски, како собирање на облеката, бришење прашина итн.

Не дозволувајте хаосот да се шири

Ако вашето дете е „тврд орев“ или ако вие не сте многу загрижени за редот и чистотата, не морате секој ден да го терате да го средува нередот. Затворете ја вратата од неговата соба и не дозволувајте хаосот да се рашири во другите делови од домот, а во викенд натерајте го да го среди. Ако ништо друго, нека ја научи разликата помеѓу валкано и неуредно, бидејќи за облеката на подот можете и да „замижите“, но за купот од валкана облека на креветот не можете и нема да го сторите тоа.

Извор



912

X