Воспитување

На тинејџерите им се потребни граници! 5 златни правила за добра комуникација

На децата од секоја возраст им се потребни граници за да можат да ги контролираат своите нагони и однесувањето, но и за да можат постојано да ве искушуваат. Не грижете се, не е тоа типична непослушност, туку потреба да се тестираат сопствените моќи. Тоа го прават и двегодишните деца кога ќе им понудите овошје и петгодишните што одбиваат да спијат попладне, а особено тинејџерите бидејќи се убедени дека сѐ знаат подобро од другите, особено од родителите, професорите и од сите други авторитети.

Периодот од 12. до 19. година може да биде многу бурен и напорен и за тинејџерот и за целото семејство. Неговиот бес, превртувањето со очите, терањето инает, па и рамнодушното „да, да“ треба да ве потсетат дека си имате работа со некој што глуми возрасна личност, а всушност во некои работи е понезрел од своите помали браќа и сестри. Колку и да се противи на границите што сте му ги поставиле, бидете доследни зашто вашата работа е да го зачувате и од другите.
Ограничувањата што ги поставувате не смеат да бидат универзални, преземени од роднини и пријатели, ниту ископирани од времето кога вашето поголемо дете поминувало низ таа фаза. Секој тинејџер е приказна за себе, па така и правилата мора да бидат крајно индивидуализирани. Некои деца на 15 години влегуваат во неволји под влијание на врсниците, други се изразено неуредни и немарни кога станува збор за обврските, трети имаат здравствени проблеми поради лошиот однос кон исхраната, па на сите им се потребни различни правила и различни граници.
За некои работи нема да преговарате, особено ако станува збор за здравјето и безбедноста, но затоа за други ќе мора да покажете одредена доза на флексибилност. Пред да повлечете линија што не смее да се помине, усогласете ги правилата со вашиот партнер зашто вашата недоследност може да предизвика големи проблеми во целото семејство.
И да знаете, тинејџерите што најчесто се бунат, го тестираат вашето трпение и постојано настојуваат да ги преминат зацртаните граници, обично најмногу копнеат по јасни правила и јасни насоки од родителите. Секако, тоа никогаш не би го признале.

Пет златни правила:

1. Тинејџерот мора да го почитува секое правило сѐ додека во договор со вас, а тоа ги вклучува двајцата родители, не издејствува да се промени.
2. Јасно формулирајте ги сите правила и очекувања, како и казните за нивното кршење.
3. Детето треба да знае за што може да се дискутира. Ако однапред ја одбиете секоја расправа и повторното разгледување на границите, можеби ќе почне да ве лаже и скришно да ги крши правилата.
4. Вашиот тинејџер не треба да се плаши од вас, туку да ве почитува и да ви верува кога ќе му кажете зошто нешто може, а нешто не може.
5. Родителите мора да бидат единствени. Не смеете да си играте добар и лош полицаец зашто тинејџерот ќе го злоупотреби тоа, па сите правила ќе паднат во вода.

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top