До кој месец од бременоста смеете да се бањате во море, како да се справувате со летните горештини, кое однесување на море да се избегнува, се само некои од прашањата што ги мачат трудниците во лето.

Гинекологот д-р Ула Мартон од Хрватска вели дека летувањето на море не треба да се избегнува.

– Доколку се работи за уреден тек на бременоста, а тоа значи трудницата да нема зголемен крвен притисок, нерегулиран дијабетес, нерегулирана хормонска функција на штитната жлезда, бубрежни болести и/или срцеви заболувања, ако не се сомнева дека плодот е премногу спуштен или има ризик од предвремено породување, или пак какво било друго загрозување на плодот, како што е застојот на растот на плодот, бремените жени може да патуваат. Но, секако, патот до дестинацијата и однесувањето идната мајка треба да ги приспособи на себе и на своите физички можности, постојано внимавајќи на своето тело. Патувањето со какво било превозно средство бара одмор на секои 1,5 до 2 часа со релаксирано растегнување, прошетка и освежување – препорачува д-р Мартон.

Да се внимава на температурата на водата

Д-р Ула вели дека капењето во морето не е пречка и не може да предизвика проблеми во текот на бременоста. Напротив, морето има добро влијание врз телото, а капењето овозможува добра телесна вежба за трудницата. Сепак, треба да се внимава на температурата на морето.

– Во секој случај, капењето во море е поприфатливо од капењето во базени. Поради температурните разлики, препорачливо е да се избегнуваат турски бањи и суви сауни. Од хигиенски причини се препорачува и избегнување на џакузи -вели д-р Ула.

Она на што идните мајки би требало да внимаваат е да ги менуваат мокрите костими за капење, со цел превенција од воспаление на мочниот меур, што е многу често во текот на бременоста.

Не изложувајте се претерано на сонце

Докторката препорачува да се избегнува претерано изложување на сонце, кое може да предизвика изгореници, а и дехидратација, што може да го загрози здравјето на мајката и целата бременост.

– Да се внимава, да не се заборави соодветното внесување на течности, и тоа три до четири литри дневно, со многу овошје и зеленчук на секои два до четири часа. Возењето со моторни чамци и глисери не е препорачливо во втората половина од бременоста, како ни скијање на вода, а скокањето на глава, пак, може да доведе до несвестица. Пливањето треба да биде приспособено на телесната кондиција на мајката – советува докторката. Таа додава дека ако бременоста е уредна, стравот и предрасудите се единствените причини поради кои некои веруваат дека за бремените жени капењето во море е опасно.

„Уживајте во морето и неговите благодати, како и во својата бременост“, порачува докторката.



912

X