Топлото време повеќе влијае врз некои луѓе отколку врз други, а оние „другите“ претежно се бремени жени чии тела се загреваат побрзо.

– Не е невообичаено да се види бремена жена на ургентно во жежок летен дел – вели д-р Елизабет Сузан Ланген, доктор и доцент на Катедрата за гинекологија и акушерство на Универзитетот во Мичиген.

– Кога сте бремени, вашето тело напорно работи за да ве одржува и вас и вашето бебе здрави, па затоа кога ќе му дадете дополнителна работа, како што е ладењето, кај некои бремени жени тоа може да биде капка што ќе ја прелие чашата.

Симптомите на прегревање вклучуваат: топла кожа, главоболка и вртоглавица, грчеви во мускулите и гадење. Бремените жени што имаат температура над 39 Целзиусови степени се во голем ризик да доживеат топлотен удар, топлотна исцрпеност и дехидратација.

Дехидрираноста е и една од причините за Брекстон-Хиксови контракции, кои се лажни, а го зголемува и ризикот од вртоглавица и несвестица, вели д-р Алис Хауспруг, специјалист за гинекологија и акушерство и асистентка во болницата „Маги-Вименс“ во Питсбург.

– Вртоглавицата и несвестицата не се опасни сами по себе, но бремените жени што ги чувствуваат имаат поголема веројатност да паднат, што може да биде опасно и да предизвика компликации како што е предвремено породување или абрупција на плацентата – вели д-р Хауспург.

Се разбира, ова не значи дека бремените жени не треба да излезат од куќата. Дозволено е и вежбање доколку се преземат превентивни мерки.

– Ако жената одлучи подолго време да помине надвор во прошетка или вежбање, советуваме цело време да се хидрира, да носи лесна облека и да го избегне најжешкиот период од денот. Една од најважните работи е да се хидрира.

Но, дехидрираноста не е единствен предизвикувач на проблеми: високата температура или капењето со топла вода во првиот триместар е поврзано со промени во структурата на срцето и дефектите на нервните цевки, што може да резултира со состојба како што е спина бифида.
– Температура од 38 степени или повисока и симптоми како настинка не се нужно опасни за бебето, но дефинитивно треба да се посети лекар. Бремените жени полесно се разболуваат, така што сме малку „поагресивни“ во лекувањето на покачена телесна температура отколку кога станува збор за личност што не е бремена – вели д-р Ланген.

Бремените жени што чувствуваат дека им е премногу топло, треба веднаш да преземат неколку чекори: да се засолнат во ладна просторија, да се напијат малку вода, да го соблечат вишокот облека, да се оладат со влажна крпа или пешкир или, ако се дома, да се истушираат со поладна вода. Бремените жени што повраќаат или чии симптоми се влошуваат или траат подолго од вообичаеното, треба веднаш да се јават на лекар.

– Важно е да го слушате вашето тело. Повеќето бремени жени се млади и здрави. Кога ги носиме во болница, им даваме течности, им помагаме да се оладат и ги испраќаме дома во повеќето случаи, на крајот сè е во ред – вели д-р Ланген.

Извор



912

X