Неодамна, на почетокот на прилично напорна работна недела за мене, една од моите пријателки-мајки, Хедер, ја зеде ќерка ми од училиште и ја одведе кај себе на гости. Во вторник, друга мајка-пријателка го однесе мојот син на тренинг. Во среда Триција ја однесе мојата ќерка на часови по готвење. Во четврток Сара ги однесе нејзината и мојата ќерка на лизгање на мраз. А во петокот, Ребека ми помогна околу прилично незгодна ситуација во мојата канцеларија.

Јас сум благодарна што имам нешто што секоја мајка што работи треба да го има: некој за помош. Овие мајки и татковци, соседи, родители на соученици на моите деца – ме поддржуваат во балансирањето меѓу мојата работа и мојот дом.

И јас и мојот сопруг напорно работиме и имаме релативно флексибилен распоред. Можеме да работиме од дома. Во моментов, нашите бизнис-патувања се ограничени. И можеме да си дозволиме да платиме дадилка попладне што ќе помогне во грижата за децата и нивното носење на различни активности. Но, се сомневам дека би успеале да ја задржиме кариерата ако не ни помогнеа другите.

Во минатото бабите и дедовците, браќата и сестрите, тетките, чичковците и братучедите можеби ја имале оваа улога. Но, повеќето од нас денес живеат и работат далеку од поширокото семејство. Пријателите мора да станат семејство. Кога сте родител што работи, особено оној чии деца пораснале, но не можат сами да одат, нивната поддршка ви помага да преживеете.


Како да создадете ваква група која ќе биде и ефективна и ефикасна?

Ангажирајте се

Кога менаџирте со напорна работа и деца, понекогаш треба да бидете ласерски фокусирани на која било задача што ви претстои. Но, важно е да научите да се ангажирате во разговори, и со текот на времето и во односи и врски со родители што би можеле да ви помогнат. И не ограничувајте се само на родители што работат. И мајките и татковците што седат дома со децата можат да ви бидат блиски пријатели и одлични сојузници.

Понудете ја вашата помош

За да добиете помош, потребно е да ја понудите. Професорот Адам Грант од Вартон вели дека луѓето што успешно изградиле мрежа и ја зајакнале својата кариера се оние што ги понудиле својата енергија, своето време и своите совети на другите, без да очекуваат ништо за возврат. Се разбира, оваа почетна великодушност почнува доблесен циклус на реципроцитет. Кога им помагаме на луѓето, тие инстинктивно сакаат да ни помогнат за возврат, и обратно.

Побарајте помош

Многу родители што работат, а особено мајки, сакаат да докажат дека можат сè. Не сакате посебен третман од вашиот шеф или колега или да зависите од другите родители кога станува збор за грижата на вашите деца. Но, секако дека треба да побарате помош. Дури и ако сè уште не сте го почнале кругот на реципроцитет споменат погоре, не потценувајте колку се подготвени повеќето луѓе (особено колегите што се родители) да ви подадат рака.

Учете од другите

Не ви советувам да побарате помош од книгите за родителство. Сметам дека секое дете, секој родител и секоја врска е уникатна, така што не постојат универзални правила што треба да се следат. Цврсто верувам дека стануваме подобри работници кога разговараме за нашите проблеми со другите што се во иста позиција, ги слушаме и учиме од нив.

Најдобриот совет од родител кој работи што некогаш сум го добила е од мојот колега и драг пријател Скот, татко на две девојчиња, кога бев загрижена дека во она малку време што го поминувам со децата наутро и навечер наместо да се фокусирам на забавата, повеќе се фокусирав на дисциплината. Одговорот на Скот беше:

– Не е твоја работа да им бидеш пријател. Твоја работа е да ги направиш подобри луѓе.

Веднаш ми се врати довербата и оттогаш ја споделувам неговата мудрост со други родители.

Можеби не ги имаме истите проблеми, но големи се шансите вашите пријатели што работат и се родители да се движат по слични патеки како вас. Затоа, разговарајте со нив, побарајте им помош.

Балансирањето меѓу кариерата и семејниот живот не е лесно. Но, не е нешто што мора да го правите сами или само со вашиот партнер. Создадете своја сопствена група на поддршка. Можеби е клише, но нам ни е полесно со мала помош од пријателите.

Автор: Алисон Бирд

Извор

Подготвил: Тамара Гроздановски



912

X