Постојат работи што треба да ги знаете. За животот, љубовта и како функционираат работите. И сакам јас да бидам таа што ќе ви го каже тоа.
Пишува: Колин Темпл за порталот Motherly, а го потпишува речиси секоја мајка.
Го пренесуваме нејзиното писмо, во целост.
Драги деца,
Неодамнешното заминување на прекрасната 27-годишна жена Холи Бучер, чија порака на „Фејсбук“ содржеше многу совети, животни лекции и лични размислувања кои им ги остави на семејството и пријателите, а беше споделена над 150.000 пати, ме инспирира да седнам и нешто да ви напишам.
Затоа што постојат работи што треба да ги знаете. За животот, љубовта и за тоа како функционираат работите. И сакам јас да бидам таа што ќе ви го каже тоа.
А животот е прекраток и никогаш не знаеме што носи денот, а што ноќта, па затоа треба ова да го ставам на хартија (поточно, на интернет) и тоа веднаш.
1. ЖИВОТОТ ЌЕ БИДЕ ЛУДНИЦА
И понекогаш ќе бидете збунети во врска со насоките што треба да ги следите. Но, сите имаме свој пат – само треба да веруваме во тој процес и напорно да работиме. Имајте верба и вложете го потребното време. Не плашете се од падови. Токму во тоа е магијата – во паѓањето и повторното исправање и инспирација, и враќањето – посилни од кога било. Така соништата се остваруваат, а целите се исполнуваат.
2. СЕМЕЈСТВОТО ВИ Е ПОДДРШКА
Ништо не е поважно од семејството. Од мене и вашиот татко, и од вас. Вашите роднини, тетки, вујни, чичковци, баби и дедовци… Ќе бидеме тука едни за други, БЕЗ ОГЛЕД НА СЀ. Ќе се сакаме дури и кога ќе бидеме лути едни на други. Ќе навиваме едни за други и при најмалите предизвици. Ќе направиме сѐ што е потребно едни за други.
Бидете си верни едни на други. Бранете се еден со друг. Вежбајте простување. Чувајте се едни со други, и не дозволувајте ништо да застане меѓу вас.
3. ПРИЈАТЕЛИТЕ ЌЕ ВИ БИДАТ СРОДНИ ДУШИ, ВАШИ АНГЕЛИ
Ќе бидат тука за вас во текот на раскинувањата, симпатиите и кога срцето ќе ви биде скршено. Тука се за да ве насмеат кога ќе ви биде најпотребно и да танцуваат со вас до доцна во ноќта. Ќе станат дел од вас, како семејство ќе ви бидат.
Некои ќе бидат покрај вас целиот живот, а другите ќе ги сретнете во текот на вашите патешествија – тие ќе бидат симболични и различни фази од вашите животи. Ќе се појават во вашите животи со причина. Бидете добри пријатели. Издвојте време за нив. Ќе си требате едни на други.
4. РАБОТАТА Е И ТОА КАКО ПОТРЕБНА И ИНСПИРАТИВНА
Веројатно ќе имате неколку различни работи во животот. Понекогаш вашите професионални патишта ќе изгледа дека се движат цикцак. Како да не знаете што е вашата исконска професија. Затоа, не плашете се да испробате различни страсти во вашиот живот и да видите каде ќе ве одведат.
Ви посакувам да ја најдете кариерата што ќе ве исполнува, ќе ве тера да растете и да се развивате, за максимално да го искористите својот потенцијал. Се надевам дека јас и вашиот татко ќе ги „намирисаме“ вашите склоности уште во раното детство. Дека ќе ви помогнеме да ги изградите вашите таленти и дека ќе ви бидеме водачи во потрагата по вашиот пат.
5. ЌЕ ПОЧУВСТВУВАТЕ ДЕКА ПАРИТЕ СЕ И ДАР И ТОВАР
Ќе има денови кога ќе чувствувате дека СЀ ЖИВО ИМА СВОЈА ЦЕНА. И тоа ГОЛЕМА. Ако работите и штедите – тоа ќе биде правилно. Но, иако ќе работите „правилно“, пак ќе биде стресно да управувате со нив. Децата, хипотеката, жонглирањето со сите сметки што доаѓаат со семејниот живот и одгледувањето деца си го земаат својот данок.
Но, запомнете – не е сѐ во парите. Животот е многу повеќе од сметките и стресовите дали парите да ги потрошиш на нова маица или не. Верувајте дека сѐ ќе биде како што треба дури и ако не сте во можност да одвоите малку пари за себе, за своето семејство, својата врска и своите деца (ако одлучите да ги имате).
6. ПОНЕКОГАШ ЌЕ ВИ СЕ ЧИНИ ДЕКА ВАШЕТО ТЕЛО ВИ Е ПРИЈАТЕЛ, НО И НЕПРИЈАТЕЛ
Моето тело ми подари три неверојатни подароци – вас тројцата. Низ што не поминало – три бремености и породувања, навистина му се восхитувам. Толку многу го почитувам своето тело за сѐ што направило за мене, а јас и натаму понекогаш сум строга кон него. Се разбира, има денови кога посакувам да е во изданието како што беше пред бременостите. Бидејќи посакувам да можам да ги облечам омилените фармерки од пред пет години. Тогаш се нервирам со опуштената кожа во пределот на стомакот и стриите на бутовите.
Но, нашите тела – нашите здрави тела – се дарови, и така треба да ги третираме. Кога сум строга кон него, само ќе ве погледнам вас и ќе сфатам колку тоа навистина е прекрасно – потоа ги фрлам сите негативни мисли, таму каде што им е местото – во ѓубре.
7. ЉУБОПИТНОСТА ЌЕ ВИ ДОНЕСЕ УСПЕХ
Бидете љубопитни. Поставувајте прашања. Навистина, не постојат лоши прашања бидејќи поставувањето прашања значи дека го почитувате процесот на учење во толкава мера што сакате да бидете сигурни дека правилно ги усвојувате сервираните информации.
Се надевам дека секогаш ќе го сакате учењето и дека самите секогаш ќе се терате напред. Научив дека најпаметните луѓе поставуваат прашања. Не се плашат да кажат: „Само момент, не разбирам. Дали може да го повторите тоа?“ Никогаш не срамете се да прашате нешто и да побарате помош.
8. ТЕХНОЛОГИЈАТА Е ЛАЖЛИВА, НО ПОМАГА
Го имаме светот на дланка и којзнае што ќе ви понуди технологијата кога ќе пораснете.
Социјалните мрежи ќе ви бидат интересни да растете со нив. Јас не растев така; мојот фејсбук-профил го направив кога тргнав на факултет. Вашиот живот ќе биде документиран – внимателно изберете што ќе споделувате со светот.
Социјалните мрежи се добра алатка за поврзување со луѓе и размена на идеи. Но може да бидат и опасни. Не дозволувајте тоа да ве допира. Направете пауза кога ќе ви затреба. Толку прекрасни работи се случуваат околу вас – во живо.
9. ЉУБОВ ИМА ВО ИЗОБИЛСТВО
Се надевам дека животот ќе ви биде исполнет со љубов. И сигурна сум дека ќе биде така. Татко ви и јас ќе ве сакаме засекогаш – без оглед на сѐ.
И кога ќе се вљубите – во личноста која самите ќе ја изберете – се надевам дека целосно ќе го отворите своето срце и ќе ѝ дозволите да влезе внатре. Кога јас се вљубив во вашиот татко, токму тоа се случи. Беше толку напнато и збунувачки, дури и застрашувачки, но знаете што – тоа е најдоброто чувство на светот. Едвај чекам да ве чујам како ми раскажувате за тоа чувство.
10. ЉУБЕЗНОСТА Е ОДГОВОР
Кога не сте сигурни – бидете љубезни. Секогаш бидете љубезни со луѓето – дури и кога тие ќе одлучат поинаку.
Впрочем, вашите срца се полни со љубезност, се надевам дека такви и ќе останат – бидејќи тоа на сите во моментов ни е многу потребно.
11. СЀ ВЕ ЧЕКА
Купете поскапа маскара. Патувајте. Гледајте ги луѓето в очи. Нека не ви биде непријатно кога танцувате. Па и да ви биде, танцувајте. Читајте книги, но вистински книги. Внимателно слушајте ги текстовите во песните. Сонувајте… а потоа дејствувајте. Донирајте крв. Простувајте. Одете на концерти. Помагајте. Напорно работете. Заземете став кога треба. Бидете ентузијастични. Добро размислете. Имаме еден живот. Искористете го максимално, деца мои.
Со љубов,
Мама