Со апликацијата Весела математика за 1 одделение децата може да вежбаат броење до 10, поголемо, помало, еднакви, парни и непарни броеви, собирање и одземање… Се презема бесплатно, а животните на фармата се дел од математичките задачи

Мобилниот телефон може да се користи за учење. Учењето математика, пак, може да биде весело, забавно со негова помош. Инспириран од најмалиот член на семејството, синот Ведран, програмерот и дизајнер Никола Димев ја создал апликацијата „Весела математика за прво одделение“. Така, кога децата го користат телефонот, може да вежбаат броење до 10, поголемо, помало, еднакви, парни и непарни броеви, собирање и одземање…

Линк за симнување

Веселата математичка фарма се презема бесплатно, а апликацијата не ги собира личните податоци и не содржи реклами. Животните на фарма се дел од математичките задачи, а детето ги решава. Кога решението е точно, добива афирмативни и мотивирачки пораки.

Инспирација – синот Ведран

– Во самиот процес на оформување на темите што се покриени со апликацијата беа консултирани дипломирани педагози, наставнички во одделенска настава од ОУ „Јан Амос Коменски“ и ОУ „Браќа Рамиз и Хамид“. Ние сме дел од интернационалната компанија Playmoood, која изработува едукативни и забавни игри за деца веќе 6 години. Играва е мал дел од поголем проект што ќе се реализира во следнава 2019 година, при што се планирани серија игри за математика од 1. до 4. одделение, како и 10-ина игри за деца од претшколска возраст (сложувалки, меморија, математика за во градинка). Во план е и изработка на дидактичи материјали – физички продукт кој ќе биде наменет за децата од претшколска возраст – вели Димев.
Семејството секогаш има удел кога се работи, особено во проекти како овој, кој се изработувал од дома.
– Особена улога има мојот деветгодишен син Ведран кој, покрај тестирањето на игрите, не престанува да ни дава нови идеи за како поедноставно визуелно да ги претставиме задачите. Дел од проектот е и мојата сопруга, која е задолжена за истражување на пазарот и изработка на материјалите што ќе бидат претставени во следниот период – вели Никола.

20 мини-игри

Ведран секогаш сака да види како работи играта и сака да земе активно учество во неа.

-Во наредната надградба ќе го слушнете и неговиот глас. Најмногу би ме радувало овој проект да го реализираме докрај и да олесниме дел од процесите во првите 4 години од основното образование – вели Никола.
Математичките содржини во играта се создадени за да им помогнат на учениците од прво одделение да ја научат или да ја повторат математиката на еден поинаков начин.

– Суптилно, преку забава и игра, малите математичари ја восприемаат математиката, ги развиваат фините моторички вештини и ги подобруваат интелектуалните способности, памтењето и концентрацијата. Во оваа виртуелна збирка на задачи ќе најдете 20 различни мини-игри со многу математички активности како што се: броење, поголемо/помало, пар/непар, собирање, одземање, удвојување, половини, низи и уште многу други – објаснува Димев.

Едукативниот аспект е збогатен со внимателно избран дизајн, смешни анимации и аудиоматеријали кои ќе се погрижат да го привлечат и задржат вниманието на децата.
– Задачите се интересни, а методот на изучување се базира на континуирано стимулирање на успехот на детето со пофалби, како и прифаќање на секое погрешно решавање на задачата без нејзино прекинување – бидејќи потрагата за решението е дел од детското учење и трагање – вели Димев.



912

X