На децата им се потребни и љубов и грижа, но и структура за да се развијат во сигурни и среќни возрасни луѓе. Но, ако родителите можат да обезбедат само еден дел од ова, тогаш тоа треба да биде структурата, вели Лиса Дамур, психолог – специјализирана за девојки адолесценти и автор на книгата „Отплеткано: Водич за тинејџерките низ седумте транзиции до возрасниот живот“.

– Можат да добијат топлина од своите наставници, од родителите на пријателите, но структура можат да добијат само од сопствените родители – вели Дамур во разговор со Кевин Делејни, главниот уредник на „Кварц“ во Њујорк. Тоа противречи на многу од пораките што родителите ги испраќаат преку популарната култура и родителските водичи. Но Дамур, која исто така пишува и за „Њујорк тајмс“, вели дека студиите го потврдуваат нејзиното тврдење. Децата што се пораснати во строга средина, можно е да бидат помалку среќни како возрасни, но ги имаат алатките што им се потребни за да функционираат. Децата што се растени без дисциплина или правила, може да не се развијат целосно и да не бидат доволно подготвени за возрасниот живот.

Најлошите резултати се случуваат кога децата растат без двете работи, па така се изложени на ризик од деликвенција, вели Дамур. Подобро е родителите да се осигурат децата да ги имаат и двете.

– Треба да се чувствуваат сакани, а мора и да ги знаат правилата. Тоа е вашата задача како родители. Адолесцентите, всушност, сакаат структура од нивните родители, и покрај нивното бунтување. Дозволувањето и непостојаноста од родителите може да бидат вознемирувачки и да предизвикаат анксиозност. Да се биде тинејџер, значи да се чувствува дека немате контрола и дека сте опколени со луѓе кои се надвор од контрола. Не е опција родителите да бидат надвор од контрола – вели Дамур.

Таа е мајка на тинејџерка и вели дека во нејзината практика им задава тешки и брзи правила на родителите. Но, нуди и совети како да ги воспитуваат тинејџерите:

– Рамка на правила околу безбедноста. Децата повеќе следат правила ако ја разберат нивната цел – а тоа е тие да бидат безбедни. Инсистирањето да ги почитуваат правилата само заради хиерархија не е баш најдобрата опција.
– Не потценувајте ја моќта на извинувањето. Извинувањето им кажува на тинејџерите дека се почитувани и им помага да изградат доверба.
– Стресот е нормален дел од растењето и им помага на тинејџерите да созреат и да станат резистентни. Проблеми настануваат кога немаат време за пауза и за релаксирање.
– Технологијата треба да им биде презентирана на децата колку што е можно подоцна и тоа да биде надвор од нивните спални соби. Видеоигрите, социјалните медиуми и интернетот го бараат нивното внимание – што ја прави технологијата непријател на сонот, а недостигот на сон е критичен за нивното здравје. Може ќе ја изгубите битката, но подобро да изгубите битка со 17-годишник отколку со 13-годишник – вели Дамур.

На крајот, таа вели дека родителите се најдобрите судии во однос на она што е најдобро за нивните деца. „Постојат милиони начини за правилно да се постапи“.

Автор: Оливер Стејли



912

X