Иако станува збор за безопасна појава, крвавењето од носот кај повеќето родители го пали алармот за тревога кога ќе се случи првпат или кога ќе се појави кај бебе. Педијатрите и оториноларинголозите велат дека нема место за паника бидејќи крвавењето може да се запре за 10 минути и во повеќето случаи никогаш да не се повтори. Во текот на студените денови, поради престојувањето во затворен простор, треба да бидете особено внимателни бидејќи ако се исклучи физичка повреда, главна причина за крвавењето од носот е сувиот воздух.

Централното греење, термоакумулационите печки, печките на цврсто гориво и клима-уредите го сушат воздухот во затворените простории, што најпрво предизвикува иритација и сушење на слузокожата од носот, а потоа и пукање на капилари и крвавење од носот.
Вообичаени причини за крвавење можат да бидат и алергиите, особено ако детето заради нив често користи капки за нос. Некои капки содржат антихистаминици и деконгестиви за ублажување на јадежот, кои пак ја сушат слузокожата.
Најчест и најмалку опасен причинител, освен ако детето не претерува со тоа, е чепкањето нос. Острите ноктиња можат да направат гребеница која, ако детето често ја практикува оваа активност, тешко зараснува, па крвавењето се повторува. Ова му се случува и на сосема мали деца, помлади од една година, од што родителите најмногу се плашат. За среќа, лекарите велат дека во 100 проценти од случаите се работи за микроповреди и слабо крвавење од предниот дел на носот кое лесно се запира и дека крвавењата од внатрешноста на носот се исклучително ретки.

Еве што треба да правите:

* Смирете се вие и смирете го детето.
* Земете го детето во скутот или седнете до него, а на градите ставете му крпа и благо свиткајте му го главчето кон градите.
* Не свртувајте му го главчето наназад бидејќи крвта ќе почне да му се слива во грлото. Поради тоа, детето може да почне да паничи, да кашла, да повраќа и да се задушува.
* Нежно, со помош на марамче, стиснете го мекиот дел од носот (веднаш до коскениот гребен) и држете десетина минути додека крвавењето не престане.
* Објаснете му на детето дека штом ќе престане крвавењето, ќе мора да мирува извесно време. Без скокање, трчање и груби игри.

Обратете се кај лекар доколку:

* На бебето му тече крв од двете ноздрви.
* Носот на детето често крвави.
* Детето има туѓо тело во носот – дел од играчка, монисто, зрно грав, кикиритка…
* На детето често му избиваат модринки без да ја знаете причината.
* Не успевате да го сопрете крвавењето.
* Детето има вртоглавица и отежнато дише.
* Крвавењето започнало по некакво паѓање или удар на главата.

И запомнете – не паничете. Нема причина за паника, а не ќе можете ни да го смирите детето доколку не владеете со себе. А додека не го смирите, не ќе можете да му помогнете и да го запрете крвавењето.

 



912

X