Воспитување

На бебињата им е поважна близината на мајката отколку храната

Сите знаеме дека малите бебиња не сакаат да се одложува задоволувањето на нивните потреби. Плачат, викаат, тажно завиваат, привлекуваат внимание на сите начини што ги знаат за да го добијат она што во тој момент навистина им треба. Но, дали сте знаеле дека освен примарните потреби за кои многу се зборува, како што се потребата за храна и сон, постојат и оние помалку опипливите, но физиолошки еднакво важни потреби? Потребата за нежност, допир, физички контакт, мајчиното присуство се важни за преживување на бебето и целиот развој.

За жал, дури неодамна се популаризира научниот факт дека физичката и емоционалната врска помеѓу мајките и бебињата не е важна само за регулирање на физиолошката состојба, туку е клучна за бебешкиот емоционален, психолошки и интелектуален развој. Мајчината физичка присутност ги смирува отчукувањата на срцето на бебето, се забавува и продлабочува неговото дишење, се исполнува бебешкото тело со чувство на мир, пријатност и сигурност. Токму тоа чувство на сигурност, блажена препуштеност и доверба е клучно за формирање на емоционална и психолошки стабилна возрасна личност.

Преку задоволување на бебешките примарни емоционални потреби, мајката го храни детето со чувство на сигурност и спокој, бебето ја впива таа состојба и со текот на времето станува дел од неа за цел живот. Преку родителско галење, прегрнување, масирање и допирање на бебето, тоа полека го запознава сопственото тело. Физичката близина и контактот кожа на кожа се многу важни токму затоа што им помагаат на бебињата да го „освојат“ своето тело и да почнат да се чувствуваат „добро во својата кожа“.

Четврто тримесечје – мајката и бебето се стопени, нивните потреби се испреплетени

Во периодот на интензивна поврзаност што следува веднаш по раѓањето, на бебето му е тешко да осознае каде завршува тоа, а каде почнува мајката. Тој период често се нарекува и 4. тримесечје од бременоста – мајката и бебето се стопени, а нивните потреби се испреплетени. Нежноста, топлината на телата и блискоста во тој период со нашите мали цицачи се поважни и од самата храна.

Еден од најсликовитите примери што го опишуваат овој феномен е познатиот експеримент на психологот Х.Ф. Харлоу, кој бил изведен на мали мајмунчиња. Кога на малите мајмунчиња им се понудил избор помеѓу две лимени мајки – една што нудела храна и друга што давала топлина, мајмунчињата без исклучок ја одбирале втората. Парче од мека ткаенина било поставено на лимената „мајка“ и тоа им било толку важно бидејќи реплицирало еден од клучните елементи нужни за нормален развој – топлина и мекост од мајчиното крзно. Додека од првата мајка со трчање ја земале храната, тие цел ден биле прилепени до втората мајка, обидувајќи се да повикаат на контакт и да го побудат нејзиниот интерес.

Кога и да биле преплашени, бегале кон „меката“ мајка, за нејзината топлина и мекост да им помогне во регулирањето на тензијата и стресот. Мајмунчињата што биле желни за контакт со мајка – кои никогаш не почувствувале блискост со мајка и нежност, израснале во социјално неприспособени единки. Бидејќи главниот однос – оној на мајката и детето – по чиј пример се формираат и сите други – потфрлил, младите мајмунчиња не ги добиле потребните алатки што би им овозможиле нормално социјално функционирање. Биле агресивни, исплашени и неспособни да остварат каков било  контакт.

Односот со нашите родители ни дава рамка за сите идни односи

Мајката и таткото нè учат како се сака, како се изразуваат емоциите, од нив учиме што значи да се биде среќен, лут – тие се наш патоказ и наша водилка. Она што тие го кажуваат и покажуваат, останува дел од нас.

За да бидеме што подобри родители на нашите деца, важно е да ги освестиме своите обрасци, да одлучиме што сакаме да пренесеме понатаму, а што сакаме да менуваме. Важно е да ги разбереме детските развојни фази, да се обидеме да се поврземе со мислите и чувствата на нашите деца, да се ставиме во нивните чевли, дури и кога тоа изгледа многу тешко.

Автор: Јелена Станковиќ, Центар за природно родителство

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top