Домашните по математика секогаш сам ги работам. Немам ниту потреба да одам на часови по англиски бидејќи знам многу добро течно да зборувам, а тоа ми овозможува за сè што ме интересира сам да сурфам на интернет, самоуверено вели Василиј

Осумгодишниот Василиј Кукуловски од Скопје е мултиталентирано дете. Сам научил да чита уште на 4-годишна возраст, има неверојатна фотографска меморија, течно зборува англиски иако не одел на приватни часови, со математиката се снаоѓа подобро и од многу поголеми деца, а има и талент за музика. Тој е еден од ретките што го користат интернетот за учење. Пасија му е астрономијата, особено планетите, постојано истражува на интернет, а има и свој јутјуб-канал и снима видеа.
На овој постојано насмеан третоодделенец од Основното училиште „Панајот Гиновски“ во Општината Бутел една од главните преокупации му е истражувањето на интернет. На неговиот лаптоп сам сурфа веќе неколку години. Вели дека англиски научил од сестра му, која е средношколка, а да користи компјутер и тастатура и да пребарува на интернет научил сам. За сè што сака да дознае пребарува без помош од родителите, но со нивни надзор.

Сака да е познат како Џипи

Василиј е искрено момче и не се срами да каже дека сака да биде познат како Џипи, да биде гејмер и да има многу следбеници на „Јутјуб“.

– Математика не сум седнал да работам со мајка ми или татко ми, сè можам да решам самиот. Немам потреба да одам на часови по англиски бидејќи знам добро да зборувам. Најмногу сакам да истражувам на компјутер за планетите. Кога имав пет години научив самиот да пишувам и да пребарувам на тастатура, а тогаш уште не ни одев на училиште – ни раскажа Василиј.
Тој вели дека сака да знае многу повеќе од она што го учат во училиште, па така кога на некој од часовите по музичко наставничката им зборувала за норвешкиот композитор и пијанист Едвард Григ, тој сакал да знае за него уште повеќе. Кога се вратил дома веднаш седнал на лаптопот и нашол многу повеќе податоци за Григ одошто има предвидено со наставната програма по предметот музичко образование. Така прави за сè што учат во училиште или за сè што зборуваат дома со родителите или со другарчињата.

Љубопитен и внимателен

Жика, таткото на Василиј, вели дека тој и неговата сопруга Елена би го поддржале во секој негов избор понатаму во животот.
– Тој уште од малечок има талент за музика, за математика и за англиски јазик, како и за дигитална технологија. Би вложувале и би го насочувале токму во таа насока ако, се разбира, и понатаму сака да го прави тоа. Василиј е љубопитен уште од малечок, сè го интересира, не избрзува, многу внимава на себе. Одговорен е и независен – вели таткото Жика.
Мајката Елена вели дека секој ден на лаптоп поминува по четири часа, но дека тоа е продуктивно поминато време. Таа и нејзиниот сопруг имаат контрола врз детето и врз она што го гледа и го чита.
– Да зборува англиски јазик научи уште кога беше многу мал, од сестра му Калина, која е средношколка. Уште од малечок самиот смислуваше кореографии и ги играше. Порасна со музика, особено со музиката и кореографиите на Мајкл Џексон и нема песна што не ја знае. Сега самиот си „гугла“ за сè што го интересира, а ние, се разбира, сме овде да контролираме што прави и какви содржини пребарува на интернет – вели Елена.

Совет од Василиј: Деца, внимавајте кои видеоигри ги играте!

Она што особено фасцинира кај Василиј е и свесноста кај него за последиците од хорор-игрите кои се многу популарни во изминатиов период и кои ги играат огромен број деца.
– Имам другарчиња што се плашат од игрите „Грени“ и „Момо“. Тие се навистина страшни, па затоа не ги гледам, ниту ги играм. Децата не треба да играат такви игри затоа што тоа ги прави агресивни и лоши. Омилена компјутерска игра ми е Роблокс – советува Василиј.

– Сам пребарувам на интернет и учам. Многу сакам да истражувам. Исто така, сакам да ги гледам Џипи и „Андреј прави влогови“, кои се многу популарни на интернет – завршува тој.

 



912

X