Родителот е должен да достави (или да прикачи, доколку го пријавува детето електронски) потврда за примените задолжителни вакцини, потврди од офталмолошки и од стоматолошки преглед издадени од надлежна здравствена установа, велат од МОН

На 3 мај почнуваат уписите на првачиња во основните училишта низ државата. Така е предвидено со Законот за основно образование, но тие можат да продолжат и потоа со оглед на тоа што има родители и деца кои поради какви било оправдани причини, немаат можност да го остварат правото на образование во тој период.

Инаку, уписите на првачињата ги вршат вработените во стручните служби, така што штрајкот нема да влијае врз процесот на уписот на првачињата, дознаваме од директори на училиштата.

Како што информираат во Министерството за образование и наука за Деца.мк, родителот е должен да достави (или да прикачи, доколку го пријавува детето електронски) потврда за примените задолжителни вакцини, потврди од офталмолошки и од стоматолошки преглед издадени од надлежна здравствена установа.

– При електронски упис не е потребно да се достави на Извод од Матичната книга на родените, со оглед на тоа што податоците врз основа на ЕМБГ на детето се црпат системски и автоматски од Националниот регистар на население. И оваа година пријавувањето и поднесувањето на документите, покрај стандардниот начин со физичко присуство во училиштето, ќе може да се врши и електронски – велат во МОН.

Потврдата за вакцини и онаа од стоматолог се бесплатни

Лекарските потврди што се земаат во поликлиниките кои се дел од пунктовите за вакцинација, како и оние што се вадат во ординациите за детска превентивна стоматологија се бесплатни. Единствено право да наплаќаат за нив имаат матичните лекари.

Минатата година имаше проблем со недостиг на термини преку „Мој термин“ за офталмолошки преглед, па годинава, за да не се случи истото, офталмолозите имаат посебни термини за преглед на идните првачиња, врз основа на кои потоа издаваат потврда за упис на училиште.

Што треба да се приложи ако детето не е подготвено за на училиште?

Во членот 46 од Законот за основно образование е наведено дека родителот е должен да го запише детето кое до крајот на календарската година ќе наполни шест години. По исклучок, детето може да се запише во прво одделение ако наполни шест години до 31 јануари наредната година, по претходно барање од родителот и добиено мислење од педагогот и психологот во училиштето.

Запишувањето на детето на барање на родителот, здравствената установа може да го одложи за една година ако се утврди дека детето не е подготвено да оди на училиште. Во ваков случај, родителот кај матичниот лекар закажува термин за Заводот за ментално здравје на деца и младинци. Во Заводот педијатар и психијатар разговараат со детето и со заедничко мислење кажуваат дали детето треба да продолжи или не. Се пишува во потврдата дали да се запише во прво одделение или не, и се даваат препораки дали да вежба со дефектолог, логопед и слично.

Оваа потврда се наплатува со партиципација за прегледот, односно чини 250 денари, а некои дечиња се ослободени, зависно од дијагнозата или состојбата.



912

X