Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Моето дете има 2 години и 6 месеци и сѐ уште не зборува, не сака да соработува. Многу е темпераментно, меѓутоа се плаши од деца, бега од нив, а исто така многу ретко прифаќа и возрасни, освен блиски личности. Има сестричка од 6 месеци, но не сака ниту да ја погледне ниту да ја допре. Има страв од играчки со кои си играл до лани, има страв да седне на велосипед, да седне во кола на акумулатор во која до лани заспиваше. Често се буди навечер, седнува и гледа директно во нас без да плаче, само седи и пробува да нѐ разбуди. Однесен е на лекар, на педијатар, а одговорот беше дека може да не зборува до 3-годишна возраст, дека можеби се исплашило… Разговараме со него, но џабе, си тера по свое.
Секој совет е добредојден.

ОДГОВОР: Секое дете е посебно и специфично и различни фактори влијаат врз неговиот развој, кој е претставува континуиран процес. Земајќи го предвид недостигот на информации што се однесуваат на развојот на вашето дете, не сум во можност поспецифично да одговорам на вашето прашање. Генерално доаѓањето на бебе во домот претставува неизмерна радост, но и ја променува целокупната динамика во семејството. Оваа промена може директно да влијае врз однесувањето на вашето постаро дете, кое се наоѓа развојно во еден динамичен период кој се одбележува со помени на биолошко, физичко и когнитивно ниво. Тој станува понезависен, има поизразена потреба за внимание, љубов итн.

Одвојте време да бидете само со него и разговарајте за oна што го мачи, радува или му се случува. Иако нема целосно развиен говор, контактот со вас, допирот, нежноста, смиреноста и разбирањето во говорот ќе го охрабрат детето да воспостави комуникација која е во согласност со него. Во овој период најизразен е стравот од разделба со родителите. Некогаш децата кога ќе се роди помал брат или сестра, се чувствуваат напуштени, осамени, како никој да не ги прифаќа и разбира. Обидете се што почесто да му кажувате колку многу го сакате, колку е важен за неговата сестра (на пр., Види, те гледа тебе и се радува, среќна е што те има за брат. Те молам да ми ја подадеш пелената, знам дека ти е тешко бидејќи мораш малку да си потивок и да внимаваш да не ја разбудиш сестра ти, но така беше и кога ти беше бебе, сите молчевме додека спиеше.“ Можете и да гледате слики и видеа кога тој бил бебе итн.) Целта е да се почувствува значаен, важен и дел од вашето семејство. Еден од вас нека биде со него, додека другиот е со бебето.

Играјте со него, читајте му приказни, пуштајте музика. Разговарајте иако на моменти ви изгледа дека нема ефект, бидете тука, препознавајте ги неговите потреби и чувства и соодветно реагирајте на нив. Трпеливо, смирено, со многу внимание и љубов. Сепак, сметам дека е убаво да остварите директна средба со стручно лице, психолог или дефектолог со цел подетално да поразговарате за сите нешта, земајќи го предвид поширокиот контекст.

Одговара: Јана Зенговска, лиценциран психолог и гешталт-психотерапевт под супервизија во „Психотерапика“
е-пошта: psihoterapika@gmail.com janagrozdanovska@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.



912

X