Воспитување

Музиката може да ја зголеми интелигенцијата на децата

Освен што музиката ни го разубавува и развеселува животот, таа може да биде и моќна алатка за развој. Истражувањата веќе потврдиле дека слушањето музика за време на бременоста може да има позитивно влијание врз развојот на говорот, а изложувањето на децата на музика во раното детство може да има дополнителни позитивни влијанија, за кои ќе прочитате во продолжение.

Развој на говорот и креативноста

Различни истражувања покажале дека децата што се изложени на музика уште од раното детство имаат во просек повисоко ниво на интелигенција и креативност. Музиката го поттикнува развојот на креативноста бидејќи ги учи децата да ги изразуваат своите чувства преку песна и игра. Децата што се повеќе изложени на музика порано доаѓаат во контакт со креативноста и се поотворени за експериментирање со различни начини на изразување и создавање.

Покрај тоа, слушањето музика од рана возраст, исто така, може да помогне во развојот на слухот кај децата. Истражувањата покажале дека додека слушаат музика, децата учат да разликуваат звуци и тонови, што може позитивно да влијае врз подоцнежниот успех во читањето, пишувањето и разбирањето на говорот. Кога децата почнуваат да пеат слушајќи ги песните, го имитираат изговорот на зборовите, па тоа им помага да ги подобрат своите говорни вештини и да го совладаат правилниот изговор, но и полесно да ги разберат значењата на новите зборови со кои се среќаваат.

Подобрени социјални вештини

Позитивните ефекти на музиката се забележани и во развојот на социјалните способности на децата. Истражувањата покажале дека со музиката, децата учат да комуницираат со други луѓе, што може да помогне кај нив да се развијат социјални вештини, како и емпатија и способност за соработка. Децата што почнуваат да играат или пеат заедно, од мали нозе развиваат вештини за слушање, приспособување, координација и соработка. Така учат да работат на постигнување заедничка цел, но и да комуницираат за успешно да ја постигнат таа цел.

Покрај гореспоменатите влијанија, студиите покажуваат дека музиката може да им помогне на децата и да се поврзат со други култури и традиции. Слушањето музика од различни делови на светот, како и музика од многу различни жанрови, може да им помогне на децата да се доближат до нови и различни култури и на тој начин да се поттикне толеранција и ценење.

Поттикнување игра и физичка активност

Повеќето луѓе, вклучително и децата, музиката ги поттикнува на движење. Истражувачите откриле дека ритамот и темпото на музиката можат да помогнат во регулирањето на движењето и подобрувањето на координацијата кај децата. Со синхронизирање на нивните движења во ритам на музиката, децата ги развиваат и подобруваат моторичките вештини, а притоа добиваат впечаток дека само си играат.

Особено се ефективни песните кои се придружени со соодветни движења, како што е детската песна „Head, Knees, Shoulders“, која ги поттикнува децата да ги усогласат своите движења со ритамот и текстот на песната и на тој начин да научат да ги именуваат деловите од телото.

Користењето музика за поттикнување на развојот на децата може да влијае и врз фината моторика, што е особено видливо кај децата што свират на инструмент. Имено, свирењето на инструмент бара специфичен начин на држење на самиот инструмент или усвојување на одредена поза, на пример, при свирење на пијано. Исто така, потребно е учење на контрола и прецизност на движењата за да се добие вистинскиот тон, па децата така ја развиваат фината моторика, како и посветеност и упорност во совладувањето на задачите.

Запознавање со емоциите

Емоционалниот развој на децата може да напредува благодарение на музиката. Децата можат да се чувствуваат посигурни изразувајќи ги своите чувства преку музика, но и полесно да ги развијат вештините за препознавање и именување на емоциите. Музиката може да помогне и во регулирањето на емоциите – слушањето музика опушта, го намалува стресот и на тој начин овозможува полесно регулирање на емоциите.

Некои истражувања покажуваат дека музиката е особено корисна за подобрување на емоционалната регулација и развивање социјални вештини кај децата со нарушувања од спектарот на аутизам, како и кај децата со емоционални тешкотии. Музиката може да им помогне на децата да се фокусираат и да ја подобрат концентрацијата, особено ако детето учи да свири инструмент или учи да пее.

Изведувањето музика во група може да им помогне на децата да се поврзат со другите и да развијат посилни социјални врски бидејќи заедничкото создавање поттикнува дијалог и споделување чувства. Исто така, создавањето музика заедно може да помогне во развојот на самодовербата и идентитетот, особено ако детето има можност да настапи пред публика.

Извор

Поврзани написи

To top