Добро обрнете внимание…

Речиси секој родител барем еднаш на детето му кажал некоја лага што ја сметал за безопасна, но тоа може да направи повеќе штета отколку корист.
Според мислењето на стручњаците, лажењето на децата и заканите дека ќе ги оставите можат да предизвикаат долгорочни проблеми.
Мајката Шона Хендли признава дека тоа го направила неколкупати, но стручњаците ѝ откриваат дека тоа може да предизвика големи проблеми.

– Доколку му се заканувате на детето дека ќе го оставите, дури и на прилично безопасен начин, си играте со сигурноста која ја претставувате за вашето дете – изјави д-р Алан Сроуфе од Универзитетот „Минесота“ за „Атлантик“.

Ако веќе сте го направиле тоа, не паничете. Психологот д-р Џудит Лок вели дека не е проблем ако тоа се случило во одредени ситуации.

– Важно е да не го правите тоа често. Сѐ зависи од минатото на детето. Ако има некоја траума и се плаши дека ќе биде оставено, тоа дефинитивно може да биде многу штетно – предупредува таа.
Д-р Лок смета дека целосната вистина понекогаш може да биде многу комплексна за детето, па затоа е потребно да се најде златната средина.

– Приспособете го објаснувањето на возраста на детето. Не препорачувам да лажете, но можете понекогаш да ја ублажите вистината – вели таа.

Не се вели без причина дека децата впиваат како сунѓери, особено во првите години од животот, кога родителите им се примери.

– Родителите не би требало да се чувствуваат лошо ако живеат живот на возрасна личност. Не треба да се изложуваме на притисок да прикажуваме дека живееме совршени животи – предупредува таа и додава дека не постои доказ дека децата нужно ги наследуваат навиките на своите родители, што понекогаш може да има и позитивен резултат.
– Не е реткост децата да не пушат ако секојдневно ги гледале родителите како го прават тоа – заклучува д-р Лок.



912

X