Не е лесно да одлучите кога е време на детето да му купите мобилен телефон. Оваа мајка на синот му купила мобилен, но направила и список со одредени правила што мора да ги почитува и му дала договор кој морал да го потпише.

Мел Вотсон одлучила да му купи мобилен телефон на својот 12-годишен син, но и да преземе некои мерки за да биде сигурна дека ќе го користи на здрав и безбеден начин. Затоа направила договор во кој напишала 17 правила до кои нејзиниот син мора да се придржува ако сака да го користи телефонот.

– Да бидам искрена, мислам дека на младите тинејџери не треба да им се даваат мобилни телефони што имаат пристап до социјалните мрежи, но не сакав да бидам родител кој не го дозволува тоа – ја истакна Мел дилемата со која денес се соочуваат речиси сите родители.
Пораснав со родители кои не ми дозволуваа да имам телефон и затоа се чувствував малку изолирано, а тоа не е убаво чувство, додава таа.

Еве ги правилата на Мел од договорот:

1. Доколку го скршиш или изгубиш телефонот, ќе мора самиот да ја платиш поправката или да купиш нов. Овој телефон ти го обезбедивме со заштитно стакло и маска.

2. Секогаш одговарај на повиците на родителите. Ако не можеш да се јавиш, прати ни порака или јави се што побрзо. Ако не се јавуваш, ќе почнеме да те бараме.

3. Кога ќе ја пречекориш месечната сметка, нема да можеш да ја надополнуваш до следниот месец. Имаш апликација на која можеш да видиш уште колку имаш на располагање.

4. Мобилниот телефон не се користи во соба.

5. Мобилниот телефон ќе им го дадеш на родителите пред да одиш на спиење.

6. Нема праќање пораки никому пред 7:30, некои луѓе спијат – чудно, зарем не?

7. Придржувај се на училишните правила што се однесуваат на користење мобилен телефон.

8. Не фотографирај луѓе што не се свесни за тоа, а во тоа спаѓаат и странци. Тоа особено важи ако некој убаво те замоли да не фотографираш.

9. На социјалните мрежи не поставувај ништо од себе и од сестрите што не сакаш да го видат мајка ти или баба ти.

10. Не „тролај“ луѓе по социјалните мрежи – никому не пишувај му го она што не можеш да му го кажеш в лице, во спротивно, твоите налози ќе бидат затворени.

11. Лозинките за сите налози мора секогаш да ни бидат достапни, без оглед што мислиш ти. Ако ја промениш без наше знаење, ќе ти го одземеме телефонот и ќе ги затвориме налозите.

12. Ако намерно избришеш или сокриеш нешто на телефонот, социјалните мрежи или на е-поштата, ќе ги затвориме сите налози.

13. Памти што зборуваш или пишуваш. Може да се случи кога ќе напишеш нешто да звучи сосема поинаку од тоа што си го мислел.

14. Она што ќе го објавиш на социјалните мрежи секогаш останува таму и сите можат да го видат.

15. Ако некој те вознемирува, кажи ни. Немој да криеш.

16. Сфати дека да имаш мобилен телефон и СИМ-картичка е голема привилегија – тоа не е нешто што ти е неопходно.

17. Какво било насилство или проблеми што би нѐ навеле да изгубиме доверба во тебе ќе доведат до одземање на телефонот.

Во овој договор мајката навела дека правилата ќе бидат изменети кога момчето ќе наполни 15 години. Во меѓувреме, овие правила ги споделила на „Фејсбук“ и ги одушевила другите родители, кои ја пофалија нејзината идеја.
Што мислите за нејзините идеи?



912

X