Објаснување за овој феномен, кој е сѐ поприсутен, постои. Начинот на кој се воспитуваат децата во последно време не бара од нив да „го користат мозокот“. Денес, повеќето деца ги имаат сите задоволства и живеат во некој вид реални бајки. Во такви услови тие немаат доволно причини да развиваат одговорност и волја. Нивниот мал свет станува свет исполнет со забава. Тоа им преминува во навика, а потоа ние се прашуваме што се случува.
Животот на секој од нас зависи од начинот на кој функционира нашиот мозок. Тој е орган што се приспособува на условите во опкружувањето. Неговиот потенцијал е огромен, но ако тој нема „иницијатива“, ако мислењето нè заморува, а фантазирањето нè исполнува, сè е залудно.
Зошто е така и што можеме да направиме за нашите деца?
Прва задача на родителите, воспитувачите и на учителите е да ги научат децата како да го користат својот мозок и како да мислат. Нивниот успех во училиште, а подоцна и во животот, најмногу зависи од тоа.
Клучната работа секогаш е иста и се однесува на тоа за што размислува детето. А она за што размислува недоволно длабоко и сериозно, не може да го разбере. Тоа е почетно скалило за површност и неодговорност.
Следниот чекор е нужна последица од тоа. Она што детето не го разбира, не може да му иницира волја за да се занимава со тоа. Тоа го отвора патот за мрзливоста.
Затоа е важно возрасните да имаат увид во тоа за што размислува детето и на кој начин го прави тоа. Тоа е почетна точка на сите успеси и неуспеси што го очекуваат.
Пред да тргне на училиште детето мора да биде способно да ги разликува играта, забавата и обврските. Семејството мора да изгради навика за одговорност кај детето. Таквите деца веднаш се препознаваат во училиште бидејќи веќе имаат изградени работни навики и одговорност, за разлика од оние што изградиле единствено искуства околу играњето и забавата.
Тоа што детето при раѓање добило памет и интелигенција не мора ништо да значи. Тоа е само материјал на кој мора да се работи – со доведување на детето во ситуации да ја „користи својата логика“. Освен тоа, треба да се грижиме и за другите фактори за успех – емоционалните доживувања, мотивацијата, волјата, самодовербата, одговорноста, ставовите кон учењето, играта и забавата – сè што претставува неговиот свет.
Што треба да се има предвид?
Талентираноста е само потенцијал. Просечните интелектуални способности се сосема доволни за врвни дострели во училиштето и во животот. Најуспешните во училиштето и во животот не се најталентираните, туку оние што се вредни и не паднале во замката на забава и мрзливост, кои развиле квалитетни навики и ставови и кои не го оптовариле својот мозок со тривијални работи.
За да може секое дете да го оствари својот максимум, потребни се нова педагогија и нов пристап кон животните вредности. Она на што мислат децата додека се мали го одредува нивниот живот кога ќе пораснат. Да ги разбудиме нивните мисли уште денес, затоа што утре можеби ќе биде доцна.
Тања Витас, учител и педагошки советник