Истражувачи и уметници од Институтот за медицински истражувања Хантер (HMRI) и Универзитетот во Њукасл лансираа видео за да им помогнат на мајките по загубата на нивното бебе.

Видеото со наслов „Сите сме родени од ѕвездите“, на едноставен јазик ги објаснува причините за мртвороденото бебе, илустрирајќи дека мајките не се виновни за тоа.

Тимот кој стои зад овој проект, предводен од Истражувачкиот центар за мајки и бебиња, имаше цел да им се обрати на мајките кои имале мртвородено бебе и веруваат дека тие се виновни за смртта на нивното бебе.

Стареење на плацентата

Проектот следува по откритието од 2019 година на истиот тим, кое покажа дека необјаснето раѓање мртво дете може да биде резултат на стареењето на плацентата, сложен процес врз кој не влијае однесувањето на бремената мајка.

– Она што многу луѓе не го сфаќаат е дека плацентата е орган на бебето, а не на мајката. Мајката има мала или никаква контрола врз тој орган. Таа не може да спречи да се случи стареењето – објаснува раководителот на HMRI, професорот Роџер Смит.

Стареењето на плацентата е само една од многуте можности зошто се раѓаат мртвородени бебиња, иако ниту една не се смета за директен резултат на дејство или неактивност од страна на мајката.

Смит објаснува дека во земја во развој како Јужна Африка, фетална смрт може да се случи за време на породувањето од различни причини, несоодветни здравствени установи или немање соодветно обучен персонал присутен за време на породувањето.

– Ова се разликува од фетална смрт за време на бременоста [предизвикана од стареење на плацентата]. Но, дури и во земјите во развој, сè уште е вредно за жените што имале мртвороденче да знаат дека тоа не е нивна вина – вели тој.

Примарните причини за раѓање мртво дете може да вклучуваат хипертензивни нарушувања, антепартална хеморагија, интраутерини или плацентарни инфекции, траума при раѓање, фетални абнормалности, интраутерини ограничувања на растот и болести на мајката.

Кај 22 отсто од мртвородените деца во Јужна Африка примарната причина за смртта е необјаснета.

Сепак, огромната вина, гнев, срам и збунетост што ги доживуваат родителите на мртвородените бебиња се универзални.

Смит и неговиот тим соработуваа со уметникот Ли Дедман од Универзитетот во Њукасл и композиторот Дејвид Бани. Тие имаа цел да ја комбинираат науката со уметноста за да допрат до родителите кои жалат.

– Силно верувам во моќта на анимацијата да ѝ ја пренесе сложената наука на лаичката публика – вели Смит.

Што се однесува до истражувањето и развојот околу фетална смрт, Смит и неговиот тим од HMRI развиваат лекови за спречување на стареењето на плацентата. Тие, исто така, работат на тест на крвта на мајката за да помогнат да се идентификуваат жените што се изложени на ризик од раѓање мртвороденче поради стареење на плацентата.

На овој начин, жените чија бременост е означена како ризична би можеле да закажат предвремено породување за да спречат фетална смрт.

Извор



912

X