Дали и вашите деца постојано се насочени кон вас, дали ве влечат за рака секој момент, па дури и кога нешто работите? Сакаат да си играте, да скокате, да танцувате, да редите коцки, да читате приказни… а вам ви се лежи и ви се спие. Ако е така, време е да си легнете, да се одморите, а вашите деца ќе бидат среќни со вашиот кул ангажман во играта!

Не ги сакам игрите со куклички и со автомобилчиња! Воопштено, цела таа приказна со играњето, иако неволно признавам, често ми е досадна. Како малечка не сум играла со куклички, туку сум трчала и сум играла со топка, а денес повеќе сум тип за излети. Мислам дека тоа најмногу има врска со тоа што попладне, по работниот ден, имам потреба 10 минути ментално да се одморам и да ги затворам очите, а не да возам автомобилчиња со екипата или да глумам коњче на сите четири додека ме јаваат две мали ѓаволчиња.

Освен тоа, немаме иста количина енергија, ниту секогаш сме доволно наспани, расположени, здрави, некои од нас веќе ја поминаа 40-тата година. За среќа, овој татко ја усовршил техниката на таканаречено „хоризонтално родителство“ со разни игри во кои родителот седи на каучот или лежи на подот, а децата си играат со него. Совршено. Токму како за мене.

Почетници – овие игри бараат најмалку ментална вклученост и сила

– Читајте сликовници или книги. Тука речиси не можете да згрешите.
– Играјте си тишина. Кој може најдолго да молчи?
– „Оди ми по грбот“. Одлична игра ако имате мали деца, тие ќе вежбаат рамнотежа, а вие добивате малку масажа.
– „Погоди ја буквата на грбот“. Ова е за малку постари деца што ги знаат буквите. Можете да цртате и едноставни цртежи.

Средни – бараат малку повеќе вложувања, но обично со нив добивам повеќе одмор.

– „Кампување“. Играјте ги сите игри за почетници, само што сега ќе ги играте во шатор како да кампувате.
– Си играме лекари, ресторани, хотели, бебиња. Вие сте пациент, гостин во хотелот… и бебе, се разбира.
– Си играме фризери. Извадете четки за коса, гумички, шноли, венчиња, шминка… и децата нека ве разубавуваат.

Експерти – ова е мастер-левел

– Фотелја. Преместете ја фотелјата на средината од собата и децата нека трчаат околу неа во круг. Вие седнете на неа и повремено напаѓајте ги како „чудовиште“.
– „Оди во собата и најди ми…“ Оваа игра ја предложи една мајка по име Јулија. На детето дајте му задача да оди во собата и да ви донесе нешто црвено, нешто што изгледа како да го покакало некој еднорог… Потоа кажете му на детето еден по еден предмет да ги врати на своето место и тоа задолжително на истото место бидејќи вие можете да го „видите“ тоа со вашите „роботски“ очи.
– „Нинџа-тренинг“. Вие замижете, а децата треба да дојдат во тишина, на прсти. Ако ги чуете, мора да се вратат на почетното место. Нешто слично како играта „Црна кралица, еден, два, три“.
– „Нозете на мама се патче“. Децата нека ги возат автомобилчињата по вашите нозе, што исто така ќе ви биде како еден вид масажа.
– „Што имам на задникот?“ Вие легнете на стомак, вашите деца оставаат различни предмети на вашиот задник, а вие погодувате за што се работи. Децата и онака го сакаат тој збор, па самото изговарање ќе им биде забавно.



912

X