Секој родител сака неговото дете да биде здраво. И тука нема исклучок. Меѓутоа, веднаш откако ќе го посака тоа, следното нешто што ќе му падне на ум на родителот како универзална желба за своето дете е среќата. И има речиси исто толку верзии за тоа што всушност значи оваа среќа, исто колку што има родители, како и теории за тоа како да се постигне и реализира. Некои теории се многу добро прифатени, некои помалку. Но, теоријата на еден детски психолог звучи малку необично.

Таа вели дека клучот за воспитување среќно дете е да му дозволите да биде несреќно. Можеби звучи контрадикторно, но е многу ефикасно, вели Товах Клајн, детски психолог и автор на книгата „Како малите деца напредуваат“.

-Сите мислиме дека ако сакаме нашите деца да бидат среќни, тоа ќе го реализираме правејќи ги среќни. Но, вистината е дека децата знаат да бидат среќни, да најдат радост. Тоа не е чувство кое е континуирано и трае цело време. Родителите често имаат проблем да прифатат дека е сосема во ред да им дозволат на децата на некој начин да бидат лути, тажни, несреќни – додава Клајн.

Кога детето е вознемирено, родителите инстинктивно гледаат да го расположат или да го одвлечат вниманието од тоа непријатно чувство. Ќе им паднат на ум разни работи со цел нивното дете повеќе да не се чувствува толку лошо. Можеби ќе му понудат парче чоколадна торта или да го однесат во парк и да трчаат со него.

И пред да добиете погрешна идеја – нема ништо лошо во тоа да правиме убави работи за нашите деца кога тие се несреќни, но тоа не секогаш се однесува на изворот на она што го вознемирува детето.

За нас смешно, за нив драма

Ова е особено точно кога изворот на фрустрација, лутина или вознемиреност на родителот му изгледа како тривијален. На пример, ако детето не смее да гледа друга епизода од неговата омилена серија, цртан филм, или очекувало сосема поинаков ручек и добило оброк што не му се допаѓа. Ни се чини дека овие причини се неважни и неоправдани, но погледот на детето врз тие нешта е сосема поинаков. Дури и во овие случаи детето верува дека неговата негативна реакција е соодветна и треба да научи да се справува и да управува со овие чувства – што интуитивно не знае да го прави.

Можете да побарате од вознемиреното дете да земе длабок здив и да се обиде да ги пренесе своите чувства со зборови, велат експертите. Но, важно е да ги признаете чувствата на вашето дете, дури и ако треба да бидете цврсти и упорни, а тоа можете да го направите со реченици како:

-Би сакал/а да го направиме тоа. За жал, не можеме во моментов.

-Силата доаѓа од самата способност да ги имаме овие прилично интензивни емоции, како гнев, со кои потоа можеме да се справиме бидејќи знаеме дека „мама или тато сè уште се со мене, тие не ми се лути, нема да ме отфрлат“ – вели таа.

Што е најважно, разберете дека негативните емоции на детето ќе поминат, освен ако, се разбира, има некои големи трауматски настани. Под претпоставка дека животот на детето е во ред, тогаш тоа може да биде среќно.

Децата кои учат ефикасно да управуваат со своите негативни емоции имаат поголема веројатност да развијат издржливост, што ќе им биде потребна за да станат успешни возрасни личности. Стравот од сите негативни чувства може да доведе до долгорочни проблеми во однесувањето, вели Клајн.

– Децата може да се срамат од овие чувства и да имаат мисли за самосомневање како: „Лут/а сум, мора да сум лош/а. Мора нешто да не е во ред со мене“. Токму затоа родителите мора да прифатат дека нивните деца не можат постојано да бидат среќни. Ова е можеби најтешкиот дел за родителите бидејќи тие обично се водат од мислата: најсреќни сме кога нашите деца се среќни. Логично, нели? Но, треба да ја доживееме и другата страна за да пораснеме во среќни возрасни луѓе – заклучила таа.

Автор: Наташа Крстичевиќ

Извор



912

X