Нема да го заборавам првиот пат кога мојот син одговори на мојот глас. Штом се роди ми го ставија на градите и му реков дека го сакам, а тој се сврти кон мене. Тоа беше сладок момент, момент кој науката вели дека може да го очекуваме, но како бебињата може да ги препознаат гласовите на роднините кога се раѓаат? Сакам да замислувам дека бебето се врти кон постарото дете во домот и има поглед од типот: „Еј, те знам и тебе. Ти си оној што вреска за Патролни шепи“.

Педијатарот Даниел Ганџиан вели дека студиите покажале оти новороденчињата одговараат со „препознавање на мозочните бранови“ на звуците кои ги слушале додека биле во утробата. „Тоа значи дека ги препознаваат гласовите на мајката, таткото, братот и сестрата – сè додека тие биле присутни и зборувале во текот на бременоста“, вели педијатарот. „Се разбира, нервите и мускулите на бебињата се премногу незрели за да одговорат со движење кога ќе препознаат глас, но нивните мозоци се доволно зрели и затоа тие произведуваат мозочни бранови за препознавање“.

Подготвени сте за изненадување? Бебињата може да слушаат гласови и да одговорат на звуци и на друга човечка интеракција само по 40 дена од зачнувањето, вели педијатарот. Тој посочува да се зборува нежно кога сте околу трудницата уште од раната бременост. Дополнително, гинекологот Ким Лангдон вели дека бебињата може да реагираат на звуци веќе во 15-тата недела, а на движена околу 13-тата. „Бебињата може да реагираат на допир многу рано. Тоа е веројатно пред 12-тата недела, бидејќи може да се движат во матката во периодот од 10 до 12 недели од бременоста – како што се движат, ја допираат папочната врвца, ѕидот на матката итн. Потоа реагираат на тој начин што се движат подалеку или кон структурата“.

Начините да му помогнете на бебето потенцијално да препознае гласови и звуци вклучуваат читање наглас од страна на мајката додека бебето е во утробата, како и зборување и читање од страна на други членови на семејството, директно на мајката или на фетусот, вели Лангдон. Ова е прекрасно нешто и претставува искуство за поврзување и за постарото дете, кое треба да знае дека неговото помало братче или сестричка го слуша.

Автор: Аби Бервагер Шриер

Извор



912

X