Со влегувањето во пубертетот повеќето деца гледаат „непријатели“ во своите родители, па затоа е важно уште од малечки да развијат блискост која ниту тој специфичен период нема да може да ја загрози. Секое дете е различно и додека едното не може да се засити од прегратки и галење, другото веќе една по минута бега за да продолжи да игра. Вие најдобро го познавате своето дете и неговите потреби, па најдобро ќе можете да процените што од вас очекува и што му треба.

Мали заеднички ритуали

Ритуалите се извршуваат за само неколку минути, но и покрај тоа, на детето му ја даваат потребната доза на сигурност. Заеднички појадок или приказна за добра ноќ се многу едноставни ритуали. Можеби имате игра што ја играте додека сте заедно во супермаркет. Измислете ваши малечки ритуали.

Галете се

Децата ја сакаат телесната близина и чувството дека се заштитени, но кога родителите имаат стресни денови, тогаш галењето обично пократко трае. Затоа одвојте време за галење, станете малку порано и искористете го тоа време додека не почне денот.

Заеднички оброци

Се разбира дека вашето дете не сака и не мора да биде константно во вашиот фокус, но и децата сакаат да бидат сфатени сериозно и да им се посвети време. Добар момент за тоа се семејните оброци. Што доживеало детето, што се случило, што го развеселило? Ќе се изненадите што сè може да дознаете за детето од таков разговор.

Работи што го прават животот поубав

Замислете го секојдневието и потоа замислете дека некој одеднаш ве носи некаде на краток одмор. Изненадувањата се возбудливи, нè развеселуваат и не мора многу да чинат. Наместо ручек дома, направете пикник во паркот. Наместо гледање телевизија, навечер одиграјте ја омилената друштвена игра на детето. Сигурно уште многу нешта ви паѓаат на ум.

Детските дела се вредни за пофалби

Толку е едноставно, што родителите некогаш и забораваат. Мала пофалба и убави зборови ги усреќуваат децата. Внимавајте на секое дете да му кажете нешто убаво. Ќе ги развесели едноставно: „Те сакам!“, „Многу ми се допаѓа како си ја средил/а собата“, или ако не се видите во текот на денот, оставете порака. Убаво е да ја најде под перницата или на чинијата со сендвич.

Одморете се

Ако ги запоставите своите желби и потреби, не е ни чудно што сте под константен стрес или лошо расположени. Децата имаат многу добри „антени“ и го чувствуваат вашето незадоволство. Дајте си време и малку одморете се од сè, а блиските лица сигурно ќе ви се најдат и ќе ви го почуваат детето.

Автор: Дуња Ладиќ

Извор



912

X