Воспитување

Мора да се знае кој кого родил. Верувајте, навистина мора

Воспитувањето на сопственото дете не е квантна физика. Многу е полесно од тоа. Но е потребен труд.

Вашата основа за воспитување мора да биде непроменлива и стабилна, за подоцна да може детето да им одолее на сите притисоци од општеството и училиштето што ќе му се наметнат во текот на нивниот живот.
Доброто воспитување има четири основи: љубов, граници, доверба и здрав разум. Накратко – сето она што треба да му го всадите на детето како подарок во неговиот мозок и срце.

Вашата баба убаво кажувала – мора да се знае кој кого родил. И верувајте, навистина мора.

Кога малиот човек знае до каде се неговите граници, ќе знае да ги почитува и туѓите.
Тоа е добра животна особина.

Границите што му ги поставувате на детето не се ограничувања. Тие не служат за да го спречуваат детето, напротив, границите служат за детето да ги научи основните работи и да му овозможат поголема слобода и сигурност.
Граница не е кога нема да му дозволите на вашето дете да скока во вир, туку кога ќе му објасните дека никогаш нема да добие ништо со плачење.

Повели, благодарам, извини и те молам

Детето мора да знае да ги користи овие изрази. И искрено да ги мисли. А не само кога оди на гости. Тоа нема да го научи од телевизијата, туку од вас.

Дали ќе кажува пцости или ќе прегрнува, ќе ги мрази или ќе ги сака луѓето во вашата околина, тоа е ваша лична заслуга. Звучи како голема одговорност, но сепак претставува големо задоволство.

Воспитувањето е двонасочна улица

Вие ги учите децата на она што сте го научиле во текот на вашиот живот, а тие ве потсетуваат на инстинктите и радостите на игрите кои понекогаш ги заборавате. И за сите е корисно.

Не е потребно да ги лажете децата и да им кажувате дека светот е полн со пеперутки и еднорози, но немојте да ги заразите и со песимизам. Научете ги да ги гледаат убавите работи во лошиот свет и да знаат како да ги почитуваат! Вратете ги во природата и вратете ја природата во нив, оставете ги сами да одат на училиште и така да го запознаат светот.

Научете ги да читаат, покажете им дека музиката може и без аутотјун и научете ги како да се однесуваат во театар.

Инсистирајте сами да си го наместат креветот, да си ја средат својата облека и играчките. Ако тоа го правите за нив, нема да им користи ниту сега ниту во иднина.
Научете ги децата да ги почитуваат своите баби и дедовци, на соседите во лифтот да им кажуваат „добар ден“ и да ги гледаат луѓето в очи.

Немојте да мислите дека лошо воспитаните деца подобро се снаоѓаат во суровиот свет. Тоа е опасно размислување, и за вас и за децата. Воспитувањето никогаш нема да излезе од мода.

Научете го детето да верува дека парите не се единствена религија. Немојте да го поткупувате со скапи подароци. Времето е најскапоцениот подарок што можете да му го дадете и единствено на што ќе се сеќава кога ќе порасне.

Вие мора да му покажете дека највредните работи во животот мора да се заслужат, но најпрво научете го да биде благодарно. Искрено благодарно за сè што има.

Ако сакате да ве слушнат, немојте да викате

Ако сте искрени во намерата квалитетно да ги воспитате вашите деца, еден ден нема да го обвинувате ниту системот, ниту општеството, ниту училиштето. Плодовите на вашиот труд секојдневно ќе доаѓаат до израз и ќе ви се вратат во вид на бранови од гордост и љубов.

Еден ден вашите воспитани деца ќе ве опоменуваат вас за истите работи на кои вие ги научивте и ќе знаат и други убаво да воспитаат. И тоа не само своите деца, вашите внучиња, туку и сите други луѓе што ја немале таа благодат некој убаво да ги воспита.

Многу работи се променија, светот стана малку чуден, но децата засекогаш ќе останат одраз во огледалото на сето она што сме биле и не сме биле кон нив. И светот.
Тогаш кога им бевме најпотребни. Во детството.

Ако им поставите на децата граница, тие ќе знаат дека ги сакате и дека ви се важни. И самото тоа чувство ќе ги направи да бидат среќни и задоволни луѓе. А тоа нели е и вашата крајна цел.

Автор: Немир у свемиру

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top