Учителка од Монтесори-градинка издвои 5 вида играчки што поттикнуваат самостојна игра кај детето, но и оние играчки што е добро да ги избегнувате
Некои деца едноставно природно повеќе сакаат да си играат самостојно отколку со другарите. Без оглед на карактерот на детето, дефинитивно постојат некои работи што ние родителите може да ги направиме за да им помогнеме на децата самостојно да си играат, а голем дел од тоа лежи во изборот на одредени видови играчки. Кристина Калмер, учителка од Монтесори-градинка, издвоила 5 вида играчки кои можат да поттикнат самостојна игра кај децата, но и оние играчки што е добро да ги избегнувате.
Што да избегнувате?
Одредени играчки всушност ја спречуваат способноста на детето и желбата да си игра само.
Електронските играчки
Таквите играчки го учат детето да биде забавувано наместо активно да се вклучи во својата игра. Таквите играчки обично ги привлекуваат децата затоа што изгледаат забавно и возбудливо и се поедноставни отколку активната игра, исто како што и гледањето ТВ е полесно отколку читањето. Се работи за пасивна игра која не бара креативност, ниту активно учество. Исто така, таквите играчки брзо ја губат својата привлечност и го отежнуваат развивањето развојот на детската креативност.
Еднократни прибори
Уште еден пример на играчки кои речиси секогаш бараат водство од возрасни личности. Не постои ништо лошо во уживањето во приборите кои им покажуваат на децата како да направат одредена ракотворба или да изградат одреден модел, но откако еднаш ќе го направат, таквите прибори стануваат бескорисни и детето не може да си игра со нив самостојно.
Премногу играчки
Без оглед за каков вид играчки станува збор, преголемиот избор ги спречува креативноста и самостојната игра зашто децата се затрупани од играчките. Тоа не значи дека не можеш да му купиш на детето повеќе играчки ако сакаш, но обиди се да ги тргнеш настрана новите играчки за детето повеќе да ги цени кога ќе ги менуваш во текот на целата година.
Што да барате?
Од друга страна, одредени играчки ги повикуваат децата да се задлабочат во својата игра, до таа мера што забораваат дека сте тука. Таквите играчки имаат многу предности не само за родителите, кои можат да се занимаваат со своите обврски. Кога детето е длабоко навлезено во играта, ги вежба креативноста и концентрацијата, кои се развиваат со вежба.
Играчки со безброј можности
Станува збор за оние играчки со кои децата можат да играат бесконечно долго, на пр. дрвени или лего-коцки. Децата можат да ги користат за градење кули, градови или можат да прават разни модели од облици и бои. Не постои вистински начин за користење на овие играчки, зашто тие секогаш ги поттикнуваат децата да бидат креативни и да истражуваат многу можности што ќе им паднат на памет.
– Дрвени коцки
– Играчки за градење
– лего
Уметнички играчки
Квалитетните уметнички прибори поттикнуваат креативност и овозможуваат многу интересни сетилни искуства додека децата истражуваат боја, лепило или други алати и инструменти со своите раце. Боењето и цртањето исто така може да бидат одлични за развој на фината моторика зашто детето ја зајакнува својата рака и станува се попрецизно во своите креации. За да ја поттикнете самодовербата на детето, пробајте да не му покажувате како да нацрта нешто одредено. Децата може да се обесхрабрат кога ќе видат дека нивната слика не изгледа исто како туѓата. Наместо тоа, изложете го детето на различни видови уметност.
– Водени боици
– Пластелин
Истражувачки играчки
Играчките кои му помагаат на детето да го истражува природниот свет и како функционираат работите им покажуваат на децата дека не им требаат други луѓе за учење. Таквите играчки ги учат децата да бидат истражувачи во својот свет, да бидат сами свои учители. Без разлика дали играчката ги истражува магнетните полиња, гравитацијата…, таа поттикнува на учење и забава.
– Сетови со магнети
– Научен детски проект
Замислени играчки
На децата всушност не им треба ништо друго освен слободно време да ја користат својата фантазија, но постојат одлични играчки кои можат да им помогнат во тоа и да додадат разновидност во нивната игра. Игрите со костими и маски прават децата да станат друга личност и да креираат поинаков свет. Играчки како животни, фигури или возови исто така повикуваат на игра сои фантазија и многу деца со нив играат со часови.
– Сетови со возови
– Животинска фарма
– Костими
– Ткаенини
– Разни материјали
– Модни додатоци
Играчки што поттикнуваат вештини за решавање проблеми
Играчки како сложувалки, кои поттикнуваат вештини за решавање на проблеми, можат да ги вовлечат децата во длабока концентрација, ако се за соодветна возраст. Ваквите активности на децата им даваат чувство на задоволство и достигнување.
– Алат за деца
– Сложувалки.
Секако, секое дете е посебно. Набљудувај го своето дете. Забележи кога е изгубено во играта и кога ти се чини дека заборава дека си тука, зашто токму тогаш се случува вистинска магија. Гледај со што игра твоето дете и имај го тоа на ум следниот пат кога ќе му купуваш играчки.