Кога нашите деца поминуваат толку време разделени од нас на училиште, моментите што ги поминуваме заедно се скапоцени. Но, не изгледаат секогаш скапоцено кога се создава утрински хаос во подготвувањето на сите членови на семејството. Некогаш ни изгледа дека времето не ни е доволно, но има неколку „Монтесори за дома“ совети кои може да ги примените за утринската рутина со децата:

Зборувајте

Изберете време кога нивото на стрес е ниско, на пример, додека се возите во автомобил или уживате во ужина заедно, па зборувајте за утринската рутина со вашите деца. Прашајте ги што треба да се случува утрото пред да одат на училиште. Потсетете ги на задачите кои ги подзаборавиле, како миење на забите или облекување чевли. Поминете ги сите чекори, за тие да имаат добра идеја за тоа што следува.

Направете распоред со слики

Откако ќе зборувате за сè, направете распоред со слики каде што децата визуелно ќе може да ја видат својата утринска рутина. Редоследот на активности треба да биде запазен, а дури можете и самите да ги нацртате сликите – како заедничка активност со децата. Ако заборават на нешто, секогаш ќе може да се потсетуваат од распоредот, а и ќе им биде позабавно.

Децата да го спакуваат својот ручек

Во зависност од распоредот, речиси секогаш е подобро ова да се стори претходната вечер, но ако го охрабрите своето дете самото да си го спакува ручекот, тоа му помага самото да има поголема контрола врз својот ден. Направете едноставно правило во ручекот да има едно овошје, една намирница со протеини, еден зеленчук и една намирница со зрна. Помогнете му на детето да размисли што може да земе за секоја категорија.

Понудете ограничени избори за облекување

Да им дозволите на децата сами да си ја изберат облеката е одлично, но тоа одзема многу време наутро. Па понудете две опции за детето од кои може да избере. Секогаш ставајте ја облеката на исто место, за детето да знае секое утро каде да оди за да избере што ќе облече. За постаро дете, охрабрете го да си ги извади парчињата облека претходната вечер, па да не мора да одлучува утрото што ќе облекува.

Дозволете природни последици

Кога плановите и распоредите не функционираат, дозволете природна последична врска. Може ќе биде малку непријатно, но ќе има ефект. Дали предолго се задржуваат во креветот? Нема да има време заедно да јадете палачинки, па ќе јадат енергетска плочка од зрна во автомобилот. Одбиваат да се облечат? Ќе мора да си ја носат облеката со нив и на училиште да пристигнат во пижами. Ова не се казни, туку работи кои логично се случуваат кога рутината не се следи.

Одвојте време за заеднички моменти

Една од причините поради кои децата одолжуваат наутро е затоа што сакаат вие да им помагате, затоа што им е потребно заедничко време со вас. Имајте неколку заеднички моменти пред да побарате од детето да се подготви наутро. Направете нешто едноставно, со јасни граници, на пример, читајте книга пред да дојде време за утринската рутина. Ако рано се подготвени, можете дополнително да поминете време заедно.

Нека биде забавно

Помогнете им да се подготвуваат слушајќи ја плеј-листата со омилените песни, додека мијат заби и се облекуваат. Нека изберат рецепт за мафини или испечете колачи заедно викендот претходно за да имате готов појадок. Кажувајте си што сте сонувале претходната ноќ. Утрата може да бидат стресни и хаотични, но ако воведеме малку забава, тие мали заеднички моменти со децата може да придонесат да го добиеме потребниот енергетски почеток на денот.

Автор: Кристина Клемер

Извор



912

X