Сигурно како родител сте се нашле во ситуација кога однесувањето на вашето дете барем малку ве фрустрирало. Тогаш луѓето реагираат со лутина, но таквата реакција не е ни малку продуктивна и во зависност од детето и неговите мотиви, може дури и да предизвика несакано однесување.

Монтесори-воспитувачите ги набљудуваат децата во своите групи и училници за да видат што е добро, а што не, кој напредува, а на кого му треба повеќе љубов и внимание. Во случајот на „лошо“ однесување, го искористуваат потребното време за добро да го набљудуваат детето и да размислат што би можело да биде причина за однесувањето и што може да се направи за да се спречи. Ова се шест прашања што Монтесори-воспитувачите ги поставуваат кога сакаат да влијаат врз однесувањето на детето и како да ги примените на сопствените деца:

1. Дали се задоволени основните потреби на детето?

Дали детето е изморено во моментот кога ќе почне да ги гризе пријателите? Дали е гладно кога ќе почне да лежи на подот? Потребен ли е потсетник да оди во тоалет кога ќе почне да ја губи контролата над телото?

Кога децата се чувствуваат непријатно, често не знаат да одредат што е погрешно. Понекогаш им се потребни возрасните за да ги потсетат како да се грижат за сопственото тело. За да се утврди дали однесувањето на детето е поврзано со физичка потреба, се набљудуваат трендовите во „несаканото“ однесување кога тоа ќе се случи. Ако секогаш се случува кон средината на утрото, можеби е време за ужина. Ако детето изгуби контрола во раните попладневни часови, можеби му треба одмор. Само размислете кога вашето дете почнува со несаканото однесување. Добра опција е и да се запишуваат забелешки неколку дена, а потоа да експериментирате нудејќи ужина, одмор или одење во тоалет, во термините кога сте забележале промени во однесувањето.

2. Што всушност се обидува да направи детето?

Уште една работа на која Монтесори-воспитувачите се посветуваат е мотивацијата во заднината на детското однесување. Фрлаат ли предмети заради сензорна мотивација или само слушаат и гледаат како удираат од подот? Се обидуваат ли да привлечат внимание?

Детето може да го удира другарчето зашто не знае да го реши проблемот вербално, можеби не знае како да го повика другарчето да си играат. Размислете за фактите што би можеле да мотивираат одредено однесување. Можете да му помогнете на детето да ја пронајде соодветната активност што ќе му даде слична повратна сензорна информација, а друга опција е со него да разговарате како вербално да реагира кога некој ќе му ја одземе играчката. Исто така, едноставното признавање дека однесувањето на вашето дете има друга мотивација, а не е тука само за да ве изнервира, ќе биде многу корисно за вашиот мир, дури и ако не сте ги откриле вистинските причини.

3. Како можам да го променам распоредот во просторијата за да влијаам врз однесувањето?

Според Монтесори-методите: „Не можете да го промените детето, но можете да ја промените околината“.

Една од најважните одговорности на Монтесори-учителите е создавање опкружување кое е убаво, мирно и погодно за концентрација. Таа околина не е статична и мора да се менува за да ги задоволи потребите на детето. Истото важи и за домот. Кога вашето помало дете дома постојано ги зема работите од постарото дете, поставете ги на повисоко место. Ако детето со калливи патики често трча низ куќата, ставете малечка кошничка или полица за чевли веднаш кај влезната врата.

4. Како да спречам одредено однесување?

Ако едното дете го удри другото, можеби некое време ќе треба да бидете во нивна близина. Ако вашето дете доживува нервен слом секојпат кога одите дома на спиење, обидете се да одите дома малку порано. Ако навистина размислите за тоа зошто некое однесување се случува и што го предизвикува, ќе можете и да го спречите. Можеби некое време ќе има обиди и промашувања, но спречувањето одредено однесување не само што може да ви олесни, туку може да спречи и детето да усвои одредена рамка на однесување, за кое подоцна ќе треба многу време за да се промени.

5. Зошто ова ме мачи?

Во некои случаи, на пример, кога детето ќе удри некого, јасно ни е зошто таквото однесување нè вознемирува. Меѓутоа, постојат случаи во кои мораме да размислиме за себе, за да сфатиме дали навистина проблемот е во однесувањето на детето или поттикнувачи се некои емоции и лични причини. На пример, ако детето избегнува попладневно спиење, можеби тоа ве фрустрира бидејќи во тоа време сте сосема исцрпени. Затоа размислете зошто некои однесувања особено ве нервираат и тоа ќе ви помогне и вие да бидете потрпеливи.

6. Како можам да го разбудам односот со детето?

Ова прашање е клучно кога се работи за промената во однесувањето на детето. На крајот на краиштата, децата не нè слушаат зашто викаме или зашто повторуваме нешто повеќе пати – нè слушаат кога со нас чувствуваат близина и поврзаност, кога сакаат да бидат со нас и да ни угодат.

Иако е најлесно да се повлечеме кога сакаме да се одмориме од некое однесување, многу е подобро да се размисли како да се помине уште поквалитетно време со детето.

На детето што поминува низ одредени проблеми во однесувањето обично сме му потребни повеќе од кога и да е, иако ни се чини дека се оддалечува од нас. Во јакнењето на врската и отстранувањето на проблемите во тие моменти ќе помогне пронаоѓањето дополнително време за разговор и малку нежности.



912

X