Родителите не треба да плаќаат за овој документ и ако се случува ова, ги повикуваме да пријават во Државниот просветен инспекторат, велат од Министерството за образование и наука

Родители ни се пожалија дека во некои македонски училишта им барале од 60 до 150 денари за издавање свидетелство за нивното дете. Во некои училишта ова е долгогодишна практика, а во некои се случува првпат. Некои училишта, пак, воопшто не наплаќаат за издавањето на свидетелствата. Зошто има различна практика во училиштата по ова прашање и за што всушност се овие трошоци кои ги плаќаат родителите, прашавме во Министерството за образование и наука. Оттаму велат дека училиштата не смеат да наплаќаат за издавање на овој документ.

– Бирото за развој на образование ги обезбедува обрасците, односно прави набавка на свидетелствата. Училиштата доставуваат бројка на потребни свидетелства, сигурно праќаат уште понекое за да има дополнително. Родителите не треба да плаќаат за овој документ и ако се случува ова, ги повикуваме да пријават во Државниот просветен инспекторат – велат од Министерството за образование и наука.

Фото: КолектифПрес

Наставници објаснуваат дека училиштата бараат пари за печатење на свидетелствата. Бесплатно испечатените свидетелства што стигнуваат во училиштата треба да се напишат рачно од класните раководители или да се испечатат со податоците на учениците и нивниот успех.

Печатењето се плаќа, и тоа од 60 до 100 денари, па затоа се овие средства што им ги бараат на родителите. Во некои училишта на родителите им барале и по 150 денари (за книгата што секое дете ја добива како подарок).

Родител на прваче од училиште од Општина Центар ни изјави дека минатата недела им побарале по 150 денари.

– Ни рекоа дека е за изработка на свидетелство и подарок книга, лектирата „Зоки Поки“. Учителките не знаеја да ни кажат дали ова било практика и минатата година – вели родителот.

Плаќањето за свидетелство не е практика во сите училишта. Лидија Водјаник, директорка на Основното училиште „Димо Хаџи Димов“, вели дека во нивното училиште не се наплаќа за свидетелствата.

– Праќаме број на ученици во Бирото за развој на образованието и оттаму ни праќаат свидетелства. Секогаш има и плус понекое бидејќи може да се направи грешка при пополнувањето. Ова со плаќањето, имам слушнато дека во некои училишта кога е во прашање описното оценување, наставниците плаќаат некој да ги пополни електронски во договор со родителите, па можеби затоа е плаќањето. Во секој случај, знам дека пари не смееме да бараме од родителите за ништо – вели Водјаник.



912

X