Во новиот Закон за основно образование е предвидено родителите на децата при упис на училиште да доставуваат и потврда за извршен офталмолошки преглед, бидејќи раниот скрининг и детекција на оштетување на видот, според надлежните, значително може да го помогне третманот на оштетувањето на видот и да се спречи целосно слепило во одредени случаи

За стоматолошки преглед, потврда издаваат превентивните стоматолошки служби при јавните здравствени установи, а потврда за офталмолошки преглед треба да се обезбеди кај специјалист со упат од матичен лекар. Вакво појаснување даде попладнево Министерството за образование и наука, откако Деца.мк објави дека забуна кај родителите што треба да запишуваат првачиња создаде тоа што ниедна институција не кажа официјално од каде и како треба да се обезбедат ваквите потврди.

– Прегледите на стоматолог се ставени во превентивните програми од Министерството за здравство, при што нема да се наплаќа за извршениот преглед. Ако потврдите се издадени од јавни здравствени установи, согласно информациите од Министерството за здравство, тие се бесплатни – појаснуваат во МОН.

Оттаму додаваат дека под „потврда издадена од надлежна здравствена установа“, се мисли на здравствена установа која има одобрение/дозвола за вршење на таква дејност, во случајов за вршење офталмолошки/стоматолошки прегледи.

– Доколку родителот одлучи да го однесе детето на преглед во приватна здравствена установа која врши офталмолошки или стоматолошки прегледи и за тоа му се издаде потврда, надоместокот за таквите прегледи е на товар на родителот – појаснуваат во Министерството.

Инаку, во новиот Закон за основно образование е предвидено родителите на децата при упис на училиште да доставуваат и потврда за извршен офталмолошки преглед. Раниот скрининг и детекција на оштетување на видот, според надлежните, значително може да го помогне третманот на оштетувањето на видот и да се спречи целосно слепило во одредени случаи.

– Иницијативата потекнува од заклучок произлезен од заеднички проект на МОН, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за здравство, како и УСАИД, а кој беше наменет за децата со оштетен вид, во чии рамки, меѓу другото, се вршеше и ран скрининг за оштетување на видот кај децата на претшколска возраст – додаваат од МОН.

Деца.мк веќе објави кои документи се потребни за упис на прваче. Потврда дека детето ги примило сите задолжителни вакцини, потврда за офталмолошки преглед издаден од јавна здравствена установа, Извод од матична книга на родени, како и потврда за извршен стоматолошки преглед… се документите што ќе им бидат потребни годинава на родителите за да можат да ги запишат своите деца-првачиња на училиште. Оваа година, покрај доставување документи со физичко присуство, има опција и за онлајн-пријавување, кое ќе почне од 1 мај, а ќе се одвива преку порталот uslugi.gov.mk.

Пријавувањето почнува на 1 мај, а ќе трае до 31 мај.



912

X