Кога детето станува свесно за себе? Кога знае дали е момче или девојче? Кога е способно да ги разликува другите според полот? На кој начин го покажува тоа и го објаснува? Кога ги покажува елементите на препознавање на половите улоги? Телесното функционирање? Тоа се некои од многуте прашања што се поврзани за социо-емоционалниот развој и развојот на поимот за себе кај децата од претшколска возраст.

На пишувањето на оваа тема ме поттикна еден татко кој ми рече: „Знаете, веќе неколку дена син ми зборува дека си игра со својот другар и дека во таа игра тој е мајката, а другото момче таткото. Ме мачи што тој во играта е женското и може ли тоа да влијае врз неговиот полов идентитет?“

Јас прашувам: „А дали синот ви кажа што точно си играат?“

Таткото: „Да, во кујната готват ручек, кафе и колачи“.

Јас: „Да, точно и многу се креативни во играта, се договараат и соработуваат. Кажете ми, готвите ли и вие понекогаш и дали ги завршувате домашните обврски?“

Таткото: „Да, понекогаш“.

Јас: „И притоа се чувствувате како женско?“ Тогаш почна да се смее.

Социо-емоционалниот развој е темел на целокупниот развој на детето од претшколска возраст. Развојот на поимот за себе почнува во првата година од животот кога детето се смее и го вокализира својот одраз во огледало, но тие реакции не значат дека е способно за самопрепознавање, ниту свесно дека со своите движења ќе предизвика промена на одразот.

Помеѓу првата и втората година од животот детето го знае своето име, знае дали е момче или девојче и знае дека е дете, а не возрасно лице. При крајот на втората година почнува да се препознава самото себе (во огледало). Од втората до третата година детето веќе доста јасно го познава своето тело, познава делови од телото. Го знае своето име и полот и покажува елементи на познавање на родовите улоги (поврзува слика на маж и жена со предмети што им припаѓаат: облека и слично).

Помеѓу третата и четвртата година детето го искажува својот родов идентитет (јас сум момче/девојче според облекувањето, косата, потоа ги разликува играчките со кои почесто играат девојчиња или момчиња). Знае колку години има, го поврзува името со полот. Зголемен е интересот за сопственото тело и неговото функционирање.

Помеѓу четвртата и петтата година се појавува полова стабилност: „Кога ќе пораснам, ќе бидам жена/маж“. Се опишува себеси со телесни особини (имам бенки), со знаци за поседување (имам велосипед) и вкусови (сакам сладолед).

Помеѓу петтата и шестата година се појавува полова доследност. Детето знае дека не може да го промени полот ниту со облека ниту со фризура. Често говори и ги истакнува своите телесни карактеристики, своите способности (Јас можам многу брзо да трчам).

На шест години детето се опишува себеси и става акцент на своето однесување, своите способности и вештини, социјална споредба со други деца и емоции.

Исто така, важно е да се нагласи дека децата учат правејќи, според модел и низ игра. Играта со улоги има големо влијание врз детето. На пример, играта со кукли. Детето игра со куклата, слуша како дише, употребува стетоскоп. Можеби еден ден ќе стане лекар? Зошто да не?. На куклите им објаснува нешто, им чита сликовници, им покажува како се црта. Можеби ќе стане учител или воспитувач? Исто така прекрасна професија и важна за иднината на многу нови генерации. Детето готви, ја зема куклата в прегратка, ја храни и ѝ пее.  Улогата на родителот е најважна бидејќи ги опфаќа сите други улоги.

Автор: Лана Кихас, едукатор, воспитувачка



912

X