Младиот американски актер и пејач Џошуа Басет напиша отворено писмо со цел да го сврти вниманието на јавноста кон можните причини за проблемот за кој сè почесто се зборува јавно, а тоа се обвинувања за напад и други форми на злоупотреба.

20-годишниот пејач, кон е познат по неговата улога во „Средношколски мјузикл“, реши да даде свој придонес во отстранувањето на стигмата од начинот на кој родителите ги воспитуваат машките деца.

– Родителите ме воспитаа според принципот – момчињата не треба да плачат, а слично се воспитани и моите пријатели. Иако се чини како ситница кога станува збор за воспитувањето и родителите тоа го прават со најдобри намери, мислам дека остава длабоки последици. Како и повеќето мажи што ги познавам, и јас сум воспитан така што моите родители, штом ќе пролеев солза, ми велеа дека момчињата не треба да плачат, па затоа на крајот почнав да ја потиснувам мојата емотивна страна – напиша Џошуа на социјалните мрежи.

– Како и да е, кога со години потиснувате каков било излив на емоции и ќе научите дека тоа е нешто погрешно, ќе ви влезе под кожа и ќе стане начинот на кој размислувате. Кога вашите емоции ќе отапат, станувате имуни не само на сопствената, туку и на туѓата болка. Мислам дека ова е токму коренот на сите лоши работи што мажите им ги прават на жените и на другите мажи подоцна во животот – додаде Басет, алудирајќи на зголемениот број извештаи за насилство и напади.

– Моите родители и постарите роднини ме исмеваа кога ќе плачев, велејќи ми: „Зошто цимолиш?! Порасни веќе еднаш“. Во мојата глава, зрелоста и изразувањето емоции се поврзаа. Подоцна во текот на животот овие зборови си ги повторував и кога никој друг не беше во близина. Си забранував да плачам, и со самото тоа не чувствував ништо. Ова влијаеше врз сите односи во мојот живот – и емотивни и пријателски. Практично морав да научам повторно да изразувам емоции со цел да ги зачувам луѓето во моето опкружување – додаде пејачот.

– Знам дека некои од вас ќе реагираат лошо на сè што напишав, но не ве обвинувам. И вас некој ве научил да не плачете, што доведува до сузбивање на емоциите, а со тоа и ослабено чувство на емпатија. Наместо да напишете некој погрден коментар, можеби треба да размислите за бесот што го чувствувате и да сфатите дека тој нема никаква врска со мене, туку со вас. Ако си дозволите да се расплачете, ќе се чувствувате подобро. Прекинете го тој маѓепсан круг во кој сите се наоѓаме. Си го должите тоа себеси, им го должите на вашите мајки, сестри, пријатели, девојки и идни ќерки – заврши пејачот.

Извор



912

X