Деветгодишниот Џордан од Оклахома живее во групен дом, па токму затоа упати срдечна молба некое семејство да го посвои. Момчето во интервју за локална телевизија рече дека само сака да има семејство. Како резултат на интервјуто, доби илјадници понуди за посвојување.
– Причината е важна – сакам да имам луѓе со кои ќе можам да разговарам секогаш кога ќе имам потреба. Се надевам дека некој ќе ме избере – вели момчето во интервјуто.
Неколку часа по неговата изјава, семејства од Њу Џерси, Флорида, Илиноис и од Кентаки ги контактирале локалните медиуми барајќи да му обезбедат постојан дом.
За Џордан веќе шест години се грижи Одделот за човечки услуги во Оклахома. Тој претходно бил заедно со неговиот помал брат Брајсон, но Брајсон бил посвоен, па Џордан останал сам.
Како што велат од Одделот, досега се поднесени 5.000 понуди за посвојување на Џордан.
На прашањето кои три желби би сакал да му се исполнат, Џордан вели: – Да имам семејство, да имам семејство и семејство. Тие се единствените желби што ги имам.
– Би сакал да имам семејство, некој што ќе го наречам мама и тато, или само мама, или само тато. Навистина воопшто не е важно какво семејство – додава тој.