Текстот е напишан од Нела Јолеска, директор на EQ Excellence и креатор на програмата за развој на таленти и емоционална интелигенција „Мали и возрасни гении“

Во холивудската романтична драма со Лејди Гага – „Ѕвездата е родена“, познатиот музичар (глумецот Бредли Купер) ја коментира нејзината скептичност кон нејзиниот талент и ѝ вели: „Талентот доаѓа од секаде. Секој е талентиран. Во барот во кој најчесто одиш – секој е талентиран за ова или она. Но ти имаш што да кажеш. И ако луѓето сакаат да го слушнат тоа, на начинот на кој го кажуваш – тоа значи нешто! Ако не се обидеш и не пробаш да го изведеш тоа, никогаш нема да знаеш колкав успех ќе доживееш. Тоа е вистината.“

Овој филм предизвика лавина од позитивни реакции во светов и ја долови моќта на талентот – како може да ја дефинира кариерата на една млада личност. Важно е да разбереме дека талентот е нашата уникатност, дар со кој се раѓаме. За разлика од животните кои се водени од нивните животински инстинкти за преживување, ние луѓето сме водени од свесни одлуки. Имаме контрола врз нашиот живот. Пред да разбереме зошто доживуваме драми со другите, конкретни успеси и разочарувања, треба да се разбереме себеси и да создадеме услови во кои сакаме да живееме и да работиме. Но сè почнува со чувството за имање ЦЕЛ. Чувството кое нè потсетува дека во животов имаме повисока цел која додека сме живи, треба да ја постигнеме. А талентот е способност со која креативно ги употребуваме знаењата додека да ја постигнеме таа ЦЕЛ.

Зошто ни е потребна емоционалната интелигенција

Емоционалната интелигенција (EQ) во животот ни помага најпрво да ги препознаеме, а потоа да научиме како да ги управуваме сопствените и туѓите емоции, почнувајќи од најрана возраст. Луѓето со висока емоционална интелигенција често се лидери или пионери во нивната област на дејствување. Овие личности полесно управуваат со комплексни ситуации и успешно се справуваат со стрес и притисок. Решаваат конфликти и навреме се справуваат со последиците од токсичните личности. Со емоционална интелигенција луѓето и во тешки ситуации манифестираат оптимизам, а кога другите ги обесхрабруваат – тие се мотивираат сами себе и си веруваат дека успешно ќе ја постигнат својата цел. Креираат доверливи и позитивни комуникации, а како резултат на довербата – постигнуваат успех и чувствуваат задоволство. Со EQ разбираме како емоциите моќно влијаат врз нас, луѓето, и како под влијание на емоциите манифестираме специфични резултати и однесувања. Ако научиме како да ги разбереме и владееме емоциите, ние сме на вистинскиот пат да го реализираме нашиот целосен потенцијал.

Во 2019 година емоционалната интелигенција блесна во Македонија. EQ Excellence во соработка со Six Seconds и УНИЦЕФ, во договор со 25 средни и основни училишта, го реализира најголемиот меѓународен EQ POP UP фестивал заедно со 2.000 деца и наставници во неколку града во Македонија. Тоа што го почнавме во 2019 ќе го заокружиме со голем проект кој има цел да им помогне на децата и образовните организации да ги едуцираат децата како да комуницираат за емоциите и ја развиваат нивната емоционална интелигенција со цел да постигнат исполнет и среќен живот.

Зошто е потребно да инвестираме во развој на талентите

Секој ден околу себе гледаме многу луѓе кои од најмали нозе ги игнорираат своите таленти, а денес се заглавени во професии што ги работат само за да преживеат без да уживаат во она што го работат. Тоа се луѓе кои носат одлуки што не ги поврзуваат со себе и своите инстинкти, а се принудуваат на одредени однесувања, врски и кариери кои околината им ги наметнува како нивни.

Истражувањата потврдуваат дека уште од рано детство сме природно привлечени од одредени личности или активности, независно од влијанието на нашите родители. Може да ги наречеме „првобитни склоности“, но тие се природните афинитети кои ја креираат нашата уникатност. Важно е да разбереме дека тие „првобитни склоности“ ни зборуваат, како глас. Но како што старееме, тие гласови се стишуваат под влијание на нашите родители, учители, околина, менталитетот во кој растеме. Затоа, сетете се кога бевте мали, од кои работи бевте воодушевени, за што чувствувавте страст и силна љубопитност.

Како да се зголеми свесноста кај луѓето

Прашање кое често се поставува во високоразвиени општества – „Како да се зголеми самоодговорноста и вербата во себе“, без притоа човек да се предаде на притисокот од околностите и да разбере дека околината не е „виновна“ за личната судбина и среќа.

Поттикнати од потребите на свесните личности, во EQ Excellence пред три години ја креиравме програмата „Мали и возрасни гении“ со визија да ги едуцираме децата и нивните родители како да креираат повисоки цели и со помош на алатките што ги користиме (алатки на кариерно насочување и развој на емоционалната интелигенција) да им помогнеме да развијат таленти и да постигнат исклучителни резултати. Соочувајќи се секојдневно со брзиот развој на технологијата и крутоста кон промени која постои во традиционалното образование, за жал, сведочиме на креирање голем проблем кој системски и долгорочно се одрази врз квалитетот на образованието. Бизнис-секторот е најзасегнат од квалитетот на кадри кои се произведуваат во нашиве образовни институции и алармира да се преземат итни мерки за јакнење на капацитетите за да произведуваме квалитет, а не квантитет од таленти. Накратко, проблемот е видлив: во образованието постои недостиг на креативност, идентификување и охрабрување на уникатност. Талентите и уникатноста кај децата нередовно се стимулираат и како последица од таквиот системски пристап многу често нивниот развој „зависи“ од ентузијазмот и расположението на наставниците. Емпатично согледуваме дека училишните кадри не се соодветно стимулирани, ниту финансиски се наградени да работат со талентираните деца и млади. Искусните професори и тренери што ги спремаат талентираните ученици за на олимпијади се фрлени на милост и немилост пред нозе на државата која до денес нема развиено систем преку кој ќе ги идентификува талентите и ќе инвестира во нивен развој, како поддршка на идните лидери на оваа држава. А еден ден, како ние сега, децата ќе се запрашаат: „Како завршив овде и на ова работно место?“

Знаењето не е само моќ. Знаењето е профит

Поттикнати од позитивните меѓународни искуства, од „примарните склоности“ кои созреваат во таленти, програмата „Мали и возрасни гении“ ја развиваме со докажани професионалци од Македонија, а со нивна помош децата развиваат клучни вештини кои им помагаат во развој на нивните таленти, подготовка за натпревари и во блиска иднина – стипендирање во нивни студии.

Програмата „Мали и возрасни гении“ е наменета за развој на таленти и емоционална интелигенција на деца. За да ги зајакнеме капацитетите на децата и младите, развивме тренинг-програми за поддршка и на нивните родители. Во програмата ја применуваме научно потврдената методологија на нашата ментор-организација Six Seconds и користиме дијагностички алатки кои се интернационално акредитирани со златни стандарди во меѓународни институции. Со алатките ја мериме емоционалната интелигенција, ги идентификуваме талентите и факторите што влијаат врз успехот. Преку индивидуални коучинг-сесии и тренинзи кариерно ги насочуваме децата, а EQ Excellence е единствена компанија во балканскиов регион што има сертифицирани тренинг-програми за развој на социо-емотивните вештини на децата и на возрасните.

Во тренинзите за развој на емоционална интелигенција се фокусираме на 12 вештини поделени во 4 области:

1. Спознавање на себеси и своите таленти (емоционална интелигенција, идентификување на таленти, тренинг за јакнење на самодовербата);
2. Донесување одлуки (развој на критичко размислување, фактори за среќа и успех);
3. Градење стратегии за спроведување на одлуките (креативност, упорност, оптимизам);
4. Отклучување на потенцијалите и развивање на исклучителност (дисциплина, иновативност, постојаност).

ТИМОТ НА НАШИТЕ ТРЕНЕРИ ЗА РАЗВОЈ НА ТАЛЕНТИ

ШАХ – Орце Данчевски е FIDE интернационален шаховски тренер, наставник во приватниот колеџ „Јахја Кемал“ во Скопје и претседател на шаховското друштво АСЕКО Гамбит. Зад себе има неколку државни и меѓународни победи, а неговото мото е: Секој ден сме сè подобри и подобри! Со Орце во шахот децата развиваат силна концентрација, фотографска меморија, критичко размислување, креативност, независност, стратешки размислувања и логички предвидувања.

ФИЗИКА И АСТРОНОМИЈА – Станиша Вељковиќ е првиот дипломец државјанин од Р. Македонија на познатиот универзитет „Харвард“ во САД, специјализиран во физика и астрофизика. Наставник во приватниот колеџ „Јахја Кемал“ во Скопје. Неколку пати бил лидер на македонска делегација од средношколци што учествувале на меѓународни олимпијади по физика и астрофизика. Со Станиша децата ги изучуваат природните законитости и решаваат математички задачи, развиваат силна логика и љубопитен ум, критички размислуваат и експериментираат.

ХЕМИЈА – Владимир Петрушевски и Марина Стојановска. И двајцата се професори на Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Вклучени се во едукација на студенти – идни наставници по хемија и работат со талентирани ученици при подготовката за Меѓународната олимпијада по хемија (IChO) и Меѓународната јуниорска олимпијада по природни науки (IJSO). Со нив децата ја учат хемијата по различни методи на истражување, но и по методот на проба и грешка, стануваат силно едуцирани истражувачи кои често се конкурентни на странски пазар, развиваат критичко размислување и трпеливост, одлично анализираат и набљудуваат.

ПРОГРАМИРАЊЕ – Влатко Спасев е дипломиран инженер на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство во Скопје. Тековно, како студент на постдипломски студии, одржува лабораториски и аудиториски вежби на Факултетот на предмети поврзани со основите на програмирање, веб-дизајн, интернет-програмирање и изработка на интерактивни апликации. Работи со талентирани деца и студенти. Негова цел е децата да се здобијат со познавање на концептите во програмирањето и длабински да ги разберат суштината на проблемот и начините за пристапување кон негово решавање.
На нашата веб-страница ќе ги запознаете и тренерите по математика, графички дизајн и анимации, финансиска интелигенција, модерен танц…

НЕПРОФЕСИОНАЛНОТО НАСОЧУВАЊЕ МОЖЕ ПОГРЕШНО ДА ВЛИЈАЕ ВРЗ ИЗБОРОТ НА КАРИЕРАТА
Нашата уникатност треба да биде светилка во нашиот животен пат и да ја разбереме како животен водич. Сигналите за нашата уникатност се јасни уште од нашето рано детство. Но ако ги слушаме туѓите уверувања кои сме и што треба да правиме, постои опасност да се изгубиме себеси, а својот идентитет да го замениме со комбинација на идентитети што другите ги мислат за нас.
Нашите алатки Brain Talent Profile, Talent Profile, SEI Youth, SEI Developmentимаат имаат цел научно да ги потврдат талентите на децата и младите, да ги идентификуваат силните особини што ги одредуваат нивните вештини и интензитетот со кој го манифестираат степенот на развој. Користејќи ги овие научно потврдени алатки, децата може да ја избегнат замката од непрофесионалното насочување и да го откријат сопствениот повик. Така ќе дојдат до многу подлабоки сознанија за себе и своите кариерни склоности. Разбирајќи се подлабоко себеси, децата учат како да си веруваат, подобро одлучуваат кои битки и патишта треба да ги одбегнуваат и кои акции треба самостојно да ги преземат. Поддржани од тимот на нашите тренери, децата развиваат силна енергија и упорност со кои нивните акции стануваат незапирливи.

ЗОШТО Е ВАЖНО ДЕЦАТА ДА НАУЧАТ ДА СИ ВЕРУВААТ СЕБЕСИ
Затоа што со силна самодоверба може да постигнеме сè што веруваме дека е можно да го постигнеме. Затоа што со верба во себе ги препознаваме способностите за постигнување на посакуваните цели, оптимистички гледаме на иднината, поставуваме цели кои веруваме дека можеме да ги постигнеме и длабоко во себе веруваме дека тоа е возможно. Преку фокусиран развој, дисциплинираност и разни стратегии, ние ги отклучуваме скриените потенцијали и постигнуваме цели кои порано ни изгледале невозможни. Среќата со пари не се купува, но со развиени таленти ние сме способни сами да ги заработиме парите и со нив си овозможиме поквалитетен живот. Со емоционалната интелигенција учиме како да си веруваме себеси, како да сме благодарни за сè што имаме и како со верба во себе да живееме живот исполнет со среќа и задоволства.

Порака од EQ Excellence: Инвестирајте во долгорочни вредности, тоа секогаш се исплаќа.

EQ Excellence
Six Seconds Network Leader, EQAC, EQPC, EQLC, BTP, 360 SEI
Емаил:info@eq.mk, training@eq.mk
Телефон: 078 202616, 078 242 365

(Комерцијална објава)



912

X