Кога мојот син наполни четири години, баба му му подари сложувалки за роденден – од 60 дела со слика од диносаурус. Обожаваше сложувалки, а ги надрасна оние дрвените што ги имаше кога беше помал, така што веднаш, полн со ентузијазам и гордост, седна да ги реди новите сложувалки.
Ми требаше малку време за да се соземам, а потоа дојдов до него и се понудив да му помогнам, да редиме заедно. Но, не сакаше ни да чуе. Се сврти и отиде да бара нешто друго. Неговата возбуда исчезна. Истата вечер, кога беше време за спиење, му се придружив во тоалетот.
„Го гледаш ли тоа момче во огледалото?, го прашав. „Тоа мало момче е цар за редење сложувалки. Видов како вежба и вежба и станува сè подобар во тоа. А тоа не е лесно. Но, без разлика на тоа, тој баш се труди. Кога ќе погреши, учи нешто ново од тоа. Грешките се во ред. Тие му помагаат. Тој е цар за редење сложувалки“.
Изгледаше малку засрамено, но и задоволно истовремено.
„Кажи му дека е цар за редење сложувалки“, му реков. Поцрвене. „Јас сум цар за редење сложувалки“, кажа тивко. „Кажи му дека преку грешки се учи“. „Грешките ми помагаат да научам“, повтори, овој пат малку погласно. „Кажи му дека многу се труди“. „Јас многу се трудам“, сега веќе гордо кажа. „Кажи му дека тој го може тоа“. „Јас го можам тоа!“, се смееше гордо, исправен, со крената брада.
Секоја од овие реченици ја повторивме неколку пати, додека од неговата уста не излегуваа лесно и самоуверено. Таа ноќ слушнав како му шепнува на помалиот брат: „Знаеш, јас сум цар за редење сложувалки“. Следниот ден се врати на редењето сложувалки, со уште малку повеќе охрабрување и позитивни приказни, а јас се надевав дека прекинувачот е притиснат. Го замислував како седи и магично реди цели сложувалки како од шега. Во мојата глава го решивме проблемот.
Но, тоа не беше чудо. Уште не можеше да ги нареди. Она што сепак беше различно е што овој пат не ги фрли сложувалките и не беше бесен на себе. Кога заврши со нив, убаво го оттргна наредениот дел под масата, а останатите делови ги стави во кутија. „Ќе ги зачувам за следниот пат“, ми рече. Моето срце прескокна од среќа и гордост. Ова беше прв пат да користиме позитивна афирмација, но сигурно нема да биде и последен.
Што се тоа позитивни афирмации?
Тоа е еден вид позитивен говор на себеси. Кога често се повторуваат, придонесуваат за поголема самодоверба и целокупно позитивно размислување и став. Кога детето ќе си каже дека може да направи нешто и да ги совлада препреките, тоа ги заменува своите негативни мисли со позитивни, среќни мисли кои ја градат неговата самодоверба. Ако доволно често ги изговара, тоа целосно усвојува позитивни мисли за себе, учи да поседува знаење и вештини за да биде способно, самоуверено и љубезно, дури и со сите препреки.
Како да се користат позитивните афирмации со децата?
Со децата можете да користите афирмации за охрабрување на позитивното размислување и изградба на развојни начини на размислување. Ако вашето дете наиде на афирмација која не верува дека важи за него, ова е одличен начин и како семејство, сите заедно, да поразговарате за тоа што таа афирмација значи и дали може да стане вистина и да биде прифатена со текот на времето. Афирмациите функционираат кога редовно се практикуваат, така што најдобро е да ги вклучите во дневната рутина дома и да го научите вашето дете да ги повторува неколку пати дневно.
– За почеток, идентификувајте каков било негативен говор кој би сакале да го промените. На пример, на почетокот од текстот опишавме проблем на момче кое верува дека не може да ги нареди сложувалките.
– Потоа, размислете како, на позитивен начин, можете да го промените текот на мислите на детето. Ако детето е луто на себе бидејќи греши и не успева да направи нешто, тоа веројатно мисли дека не е способно да го направи тоа нешто. Во тој случај, сакате да научи дека од грешките се учи и дека тие ќе му помогнат да успее во она што го сака.
– Потоа користете нови, позитивни мисли да составите позитивни афирмации кои вашето дете ќе ги повторува. Детето нека ги вежба секој ден, и тоа најмалку еднаш. Ако си ги кажува додека се гледа во огледало, тоа ќе им даде посебна сила на афирмациите. Вие можете да му ги повторувате на детето пред спиење.
Афирмациите можете и да ги пишувате на листови хартија за постарите деца, кои можат да ги извлекуваат наизменично и да си ги читаат пред огледало. Ова може да се работи секогаш, независно дали постои некоја проблематична ситуација. Покрај тоа, можете овие напишани афирмации да ги користите и за заеднички разговори и дискусии со децата.
Позитивни афирмации во практика
Мојот син тргна во прво одделение. Читањето за него не беше лесно, а јас забележав дека во текот на летото тој го избегнуваше кога и да можеше. Се обидував да не ја присилувам таа активност дома, а неговата наставничка ме убедуваше дека тоа е предизвик со кој таа може да се справи во училиште.
На крајот од септември тој почна да носи книги во кујната додека јас готвев вечера. Не можеше да чита течно, но полека успеваше збор по збор да врти од една страна на друга. Изгледаше како конечно да го совладува предизвикот. Потоа една вечер погреши збор. Се обиде неколку пати да го повтори зборот, а конечно побара и моја помош, па јас му го кажав зборот. „Ми се допаѓа начинот на кој се обидуваш толку многу самиот пред да побараш помош. Беше толку блиску“, му реков. „Грешките се во ред. Ме учат на она што треба да го знам. Мојата наставничка нè научи на тоа. Тоа го зборуваме секој ден“, кажа гордо. Ноншалантно ѝ се врати на својата книга, а јас се вратив на моето готвење, не можејќи да го скријам задоволството на лицето кое произлезе од фактот што моето дете и на училиште беше опкружено со истите позитивни афирмации на кои напорно работиме и дома.
Одразување на позитивните афирмации
Интегрирањето на позитивните афирмации во секојдневните рутини му помогна на моето семејство да се насочи кон сопствената моќ за промена и ни помогна да бидеме тоа што сме. Оваа едноставна и брза рутина им помогна на моите деца да сфатат кои и се и кои сакаат да бидат додека растат во независни, отпорни слушатели. Исто така, ги научи дека можат да се справат со силните емоции што понекогаш ги чувствуваат. Користењето позитивни афирмации како семејство нè инспирира да водиме длабоки, важни разговори и да се фокусираме на сите убави нешта што сме способни да ги правиме.
Автор: Сузан Такер