Гледањето во очите на бебето е една од најслатките работи за еден нов родител и еден од најмоќните начини на кои родителот може да се поврзе со него.
На крајот на краиштата, новороденчињата не можат да зборуваат или да ви подарат насмевка во првите денови од животот. Но, според едно истражување, тие можат да комуницираат со вас преку слатки мали погледи.
Според истражувачите од Универзитетот во Кембриџ и Технолошкиот универзитет во Сингапур, контактот со очите меѓу бебето и возрасните предизвикува мозочните бранови на бебето и на родителите да се синхронизираат. Исто така, истражувачите веруваат дека оваа ментална синхронизација може да биде првиот чекор кон подобрена комуникација меѓу родителот и детето во зрелата доба.
Истражувачите дошле до овој наод откако набљудувале 17 бебиња на осуммесечна возраст, користејќи ЕЕГ, што ја следи мозочната активност на бебето. Потоа бебињата гледале видеа со возрасни кои пееле песнички за деца. Некои видеа вклучувале возрасни кои пееле додека ги гледале бебињата в очи, додека другите не ги гледале право в очи.
Тие ја забележале оваа врска и без видеата. Во експеримент спроведен од научниците група бебиња седеле со возрасни – кога возрасните гледале право во очите на бебињата, мозочните бранови и на бебињата и на возрасните се синхронизирале при секој директен контакт. Кога очите лутале наоколу, оваа врска била послаба.
Идејата дека вашата мозочна активност и таа на вашето бебе всушност се рефлектираат е неверојатна. Истражувањето вели дека постои еден вид средба на половина пат: мозокот на бебињата се приспособува кон мозокот на возрасните, и обратно. Истражувачите веруваат дека овој феномен ни дава поголем увид во бебињата и нивната способност за поврзување со оние што се грижат за нив. Тие не се сосема сигурни каква сила стои зад оваа врска, но веруваат дека кога имаат контакт со очите, бебињата стануваат мотивирани да вокализираат.
– Кога возрасните и бебињата се гледаат в очи, тие ја сигнализираат нивната достапност и намерата да комуницираат едни со други. Откривме дека мозокот и на возрасните и на бебињата реагира на сигналот на погледот, постигнувајќи поголема синхронизација. Овој механизам може да ги подготви родителите и бебињата да комуницираат, синхронизирајќи кога да зборуваат, а кога да слушаат, со што самото учење е поефективно – вели истражувачот Викторија Леонг.
Затоа, запомнете: Сите оние моменти кога сте се одлучиле да ги оставите алиштата нездиплени, вечерата недоправена и наместо тоа сте го гледате вашето бебе, тие моменти биле помоќни отколку што мислевте.