Родителите, но и научниците одамна знаат дека бебињата учат да зборуваат имитирајќи ги зборовите што ги слушаат. Но, ново истражување покажува дека бебињата, од најраниот период, исто така може да се обидат да го имитираат пеењето што го слушаат во песничките. Во рамките на студијата научниците го снимиле гласот на 15-месечниот Џејмс, кој звучел како да ја пее познатата песничка „Среќен роденден“, која мајката му ја пуштала со часови претходно. Анализата на звуци покажала дека момчето ги повторило првите шест ноти од песната, погодувајќи го и тоналитетот во Г-дур.
– Знаеме дека бебињата во текот на првата година од животот стануваат софистицирани слушатели на музика, па многу учат за шемите на звуците и ритмите во музиката, но сега знаеме дека музиката може да биде и моќна алатка во вежбањето на говорот – истакнала Луција Бенети, авторка на студијата.
Бенети 16 часа го следела Џејмс. Тој во текот на денот носел мал, светлосен уред за снимање, кој го снимал секој звук што го слушал и произведувал. Бенети и нејзината советничка Еугенија Коста-Џиоми, професорка по музичко образование во државата Охајо, ги анализирале тие аудиоподатоци користејќи софтвер дизајниран за мерење на говорот. Овој пат ја промениле музиката, односно имитирањето на звуци како критериум за мерење. Утрото Џејмс поминал околу 10 минути со играчка која ја свирела „Среќен роденден“. Подоцна таа вечер уредот го снимил Џејмс како создава десеттина звуци во траење од околу 4 секунди што потсетувале на почетокот од песничката. Истражувачите ги споделиле снимките со луѓе што не го познавале Џејмс и не знаеле што точно проучуваат истражувачите. Тие, исто така, потврдиле дека Џејмс се обидува да ја испее оваа песна. Истото се случило и со другите песнички.
Таа технологија била примарно користена во претходните студии за да се соберат податоци кои покажуваат како бебињата го развиваат говорот, а не да се разбере како тие учат за музиката.
– Новата студија покажува дека е можно бебињата да учат мелодии од музиката што ја слушаат – вели Бенети. Таа додава дека идната нивна работа може да се фокусира на испитување поголема група бебиња, собирајќи повеќе податоци, за да се види дали реакцијата на Џејмс е типична за бебињата. – Ќе се обидеме систематично да започнеме со разбирањето на процесот на учење кај децата. Од истражувањата барем ќе знаеме што се случува – истакнала Бенети.
Општествениот аспект на музиката е важен, па како што детето ја гледа мајката дека пее, знае и дека таа ужива во музиката и дека тоа е нешто позитивно, но и тоа како може да биде начин на социјализација на детето и одлична метода за вежбање на говорот – заклучиле научниците.