Воспитување

„Мојот татко е навидум ладен тип“

Татко ми е навидум ладен тип, некако здрвен. Би покажал и би правел тој секакви работи, но некако не умее. Израснал без татко, па сам ја обликувал својата татковска фигура, според некое свое чувство, не управувајќи многу добро со емоциите.

Влегува низ вратата, а јас го чекам со синот во рацете. Влегува и стои. Не знае дали прво да ме бакне или да ги спушти работите од рацете, или можеби да го погледне бебето, или пак да ги соблече чевлите и да оди да си ги измие рацете. Од сето тоа, тој избра да стои. Поцрвене. Поцрвенев и јас. Нешто е поразлично овој пат. Сега кога веќе не сум само неговата ќерка, туку и мајка на неговиот внук, можеби нашата прегратка треба да се разликува од сите претходни? Но, гледам, знам, дека сè уште сум многу повеќе негова ќерка, а на ова мало суштество што одеднаш се создаде од некаде ќе мора полека да се навикнува.

Мајка ми доаѓа да помогне, како и секогаш, па ги координира поздравувањата и сè со ред, кога одеднаш на татко ми му го поставува прашањето: „Ти се плаче? Можеш ли да веруваш дека твоето дете има дете?“

„Глупости, зошто би ми се плачело“, ѝ вели тој и се сместува во најоддалечениот можен агол, дијагонално од нас.

„Глупости, мамо! Какви прашања се овие?!“ ѝ велам. „Па, како патувавте?“, дополнувам.

По некое време тој се заинтересира за нашиот нов член на семејството. Дури и го убедивме да го држи в прегратка, ако таа ситуација во која седи вкочането, не дише, не трепнува, додека бебето му лежи на градите може да се нарече држење в прегратка. Кога го скрши мразот на тој начин, потоа двапати го допре со прстот. Еднаш на образ, еднаш на стомак, така плашливо и љубопитно, како кога допираш нешто сосема непознато што може да биде опасно, а сепак толку кревко и кршливо.

И токму кога помислив дека нема ништо од неговото ветување: „Кога ќе имам внуци, преку нив ќе го надоместам сето она што со вас го пропуштив“, го гледам дедо како ја мириса косата на внукот, скришум, никој да не види…

Автор: Маја Радовиќ

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top