Три пара од Англија објаснуваат како функционира распределбата на работата и парите во нивните домаќинства. Александра, Тоби и Криша добиваат пари, од 50 до 1.000 евра од нивните партнери, за да ги потрошат како сакаат.

Александра Џејкман

Оваа домаќинка од Раџли е мажена за Мет, со кого има две деца, 6-годишната Матилда и 3-годишниот Хенри.

– Во текот на моите 20-ти години многу се забавував и имав несериозен пристап кон парите. Тоа е опасна комбинација. Ако видев нешто што ми се допаѓаше, го купував без оглед на сцената. Трошев повеќе отколку што заработував и на крајот направив долг од над 20.000 евра.

Успеав да го вратам долгот пред да добијам деца.

Кога го запознав Мет, му кажав сè за мојот долг. Две години подоцна се венчавме и ни се роди ќерката. Тогаш имавме заедничка сметка, но ја затворивме кога ми заврши породилното отсуство и одлучивме повеќе да не се враќам на работа, туку да се грижам за Матилда. Не ми беше финансиски исплатливо да одам на работа затоа што дадилките и градинките се многу скапи.

Бидејќи останав без плата, јас и Мет разговаравме за тоа и одлучивме да добивам џепарлак што ќе го става на мојата сметка. Во тоа време земав 80 евра детски додаток, а Мет ми даваше околу 660 евра.

Тие пари одеа за храна, излегувања, вежбање во сала и часови по музика за децата, а ја плаќав и сопствената сметка за телефон. И пак остануваа пари за мене. Беше чудно да преминам од сопствена плата на џепарлак.

Кога во 2017 година го родив Хенри, ми беше уште пологично да останам дома. Како што Мет напредуваше во кариерата, така ја зголемуваше сумата. Сега добивам 1.000 евра месечно и мислам дека е фер износ. Каква било реална плата и онака би одела за дадилки. Но, понекогаш ми се чини дека тоа се пари на Мет затоа што морам да чекам да ги уплати на моја сметка. Дел од мене сака да имам своја плата и на крај и јас ќе најдам работа. Сите мои пријатели се вработени, но никој не ме критикува. Понекогаш се критикувам себеси затоа што чувствувам дека не сум независна и се срамам од тоа. Сега децата се поголеми, па затоа одлучив да посетувам курс за советник за доење. Мет и понатаму ќе ми дава пари и кога ќе се вработам, бидејќи ќе работам со скратено работно време, а тоа значи дека ќе заработувам помалку.


Долгот ме исплаши. Беше ужасно. Тоа е и делумно причината зошто сакам да добивам џепарлак, иако сум многу поодговорна со парите отколку во своите 20-ти.

Мет смета дека треба да примам плата бидејќи сум „мајка со полно работно време“. Мисли дека и јас за тоа треба да земам плата на ист начин како и тој и во право е, тоа е работа 24 часа на ден, 7 дена во неделата. Но, сепак би сакала да имам своја плата.

– Јас ги плаќам сметките, а таа купува храна и други работи за децата. Тоа што ќе остане е нејзино. Ни успева, но одвреме-навреме се грижам затоа што притисокот да обезбедам пари е врз мене. Но одлично е да се види врската што Александра ја има со децата – вели Мет.

Џејд Ист

Невработениот Тоби Бартон и Џејд живеат во Беверли со нивната седуммесечна ќерка Исла.

– Секој месец издвојувам пари за храна и сметки и префрлам околу 50 евра на сметката на Тоби. Тоа е неговиот џепарлак бидејќи не може да му се верува на Тоби за да има пристап до заедничката сметка. Кога тој се грижеше за нашите финансии, честопати дома немаше струја ниту храна, но имаше еден куп нови игри за „плејстејшн“ и секакви украси што го привлекле во продавница.

Кога почнавме да излегуваме, Тоби беше вработен на стадион, а јас месечно заработував околу 1.400 евра. Откако го напуштив домот на 17 години, научив како да живеам со мал буџет. Од друга страна, Тоби сите пари ги трошеше на храна, пијалаци и украси. Живееше со неговата мајка и баба и никогаш не мораше да се грижи за плаќање сметки.

Во 2019 година почнавме да живееме заедно. Тогаш имав подобра работа и му предложив џепарлак. Не сакав да се мачи додека јас пристојно заработував и не сакав да се чувствува загрозено. За среќа, не беше навреден и оттогаш функционираме вака.

За време на пандемијата Тоби ја изгуби работата. За жал, и денес тој не располага добро со пари. Не се расправаме, но во идеален свет би сакала јас да сум таа што е дома, а тој да оди на работа.

– Трошам многу пари. Едноставно сакам да искористам добра шанса. Сите пријатели ми се смеат, но јас воопшто не се грижам за тоа – вели Тоби.

Криша Дејвис

Криша работи во продавница и има бизнис со маици. Живее во Рагби со сопругот Рајан и ќерките Миа и Лекси.

– Моите пријатели мислеа дека сме луди кога со Рајан отворивме заедничка сметка по два месеца откако се запознавме. Но, беше логично Рајан да го преземе водството на нашите финансии. Тој е разумен со пари, а јас често сакам да трошам на шминки и фризери. Затоа, нашата заработка е уплатена на заедничка сметка, а Рајан ми дава околу 100 евра месечно. Можеби изгледа старомодно, но функционира за нас.

Идејата за џепарлакот беше моја. Имавме искрен разговор за парите и тој се согласи.

Научив да бидам подобра со парите. Водењето бизнис и одговорностите кон децата направија промена во моите приоритети. Дизајнерските чанти повеќе не ме привлекуваат, но одвреме-навреме сакам да си купам нешто. Финансиската грижа може да влијае врз менталното здравје, а мене ова ми помага.

– Ги делиме парите. Ние сме тим, отсекогаш сме биле – вели Рајан.

Извор



912

X