Родителите во Британија беа доста импресионирани од победничката на шоуто „Грејт бритиш бејк оф“, Надја Хусеин, кога раскажуваше дека нејзините деца извршуваат домашни обврски уште од мала возраст и не добиваат џепарлак во замена за тоа.

Во недела, Муса (14 години), Дауд (13 години) и Маријам (10 години) ги извршуваат обврските низ домот цели три часа, вели Надја.

– Ставаат алишта во машината за перење, па дури и го чистат филтерот од машината. Момчињата знаат да си ги пеглаат кошулите, манжетните и јаките. Јас со години немам пеглано – вели мајката.

Тоа е далеку од она што повеќето родители го доживуваат со своите деца и сонуваат да ја добијат помошта што ја има Надја.

Но, слично како Надја, и мајките Самер, Колет и Калинка ги научиле нивните деца да помагаат низ домот уште кога биле деца.

– Мојата 3-годишна ќерка извршува обврски низ домот уште од нејзината прва година. Иако пријателите велат дека тоа е многу, сметам дека со тоа што е родена како женско, тоа е нејзината должност – вели 21-годишната Самер Томпсон, мајка на 3-годишната Луна.

Фото: Samantha Brick

– Јас уште како дете извршував обврски низ домот. Ја поставував масата за вечера и помагав во приготвувањето на вечерата. Затоа го поддржувам учењето на децата да помагаат низ домот уште од најраната возраст. Луна отсекогаш помагала низ домот и не знае поинаку. Јас сум строга мајка, Луна никогаш не јадела благо и јаде само здрава храна. Една од првите работи што ги научи беше ставање алишта во машината за перење. Тоа ѝ беше како игра и обожаваше да го прави тоа. Кога Луна се буди, таа веднаш си го средува креветот. За појадок сама си ги приготвува житарките. Потоа ја става чинијата во мијалникот и ја мие. Знае дека кога ќе доигра со нејзините играчки, треба да ги среди – раскажува мајката.

– Некои пријатели ме критикуваат затоа што не ѝ дозволувам да има нормално детство, но јас сепак ја оставам да си игра со нејзините играчки – додава таа.

Моите синови секогаш ја употребуваат правосмукалката – вели 39-годишната Колет Арора.

Колет е мајка на 3-годишен и 5-годишен син.

– Почнав заедно со децата да ги извршувам домашните обврски уште кога имаа една година. Уште од мали ги учам дека ние како семејство сме единица. Тоа значи дека мораме да си помагаме едни на други со домашните обврски. На почетокот гледаа на обврските како на игра. Уживаа кога бришеа прашина и диплеа алишта. Сакаа да прават работи што ги прават возрасните – вели таа.

Фото: Samantha Brick

– Денес и двете момчиња имаат секојдневни задачи што знаат дека треба да ги завршат: бришење прашина, метење со правосмукалка, диплење облека итн. Дури и наутро си го средуваат креветот. Кога првпат почнаа да го прават тоа, не обрнував внимание како се средени и колку се рамни нивните перници. Но, сега ги поправам ако не го направат тоа правилно. По секој оброк си ја чистат масата и ги ставаат садовите во машината за садови. Понекогаш сопругот се шегува дека момчињата се подобри во извршувањето обврски отколку јас – додава Колет.

– Како дете не помагав низ домот. Потекнувам од семејство каде што мајка ми правеше сѐ. Сакам моите синови да бидат независни. Кога ќе пораснат, сакам да знаат дека можат да ги направат сите овие работи за себе – вели Колет.

Извор



912

X