„Не сакам моите ќерки да имаат чувство дека не се доволно добри или дека имаат потреба да се променат. Сакам да се гордеат со своите тела“.

Дали некогаш сте внимавале на зборовите што ги користите пред своите деца?

Мојата ќерка Лили ми се доближи пред некој ден, си го собра стомакот и рече: „Сакам вака да изгледам, мамо“. Ја прашав зошто и таа ми одговори: „За да можам да изгледам како другите деца на училиште“. Потоа почна да вежба пред мене. Изгледаше поразено… а има само 6 години. 6 години, а веќе се срами од своето тело.

Моето срце се скрши. Се исплашив за своите ќерки… Како што растат, светот станува сè посуров и полн со осуда. Исто така, сфатив дека во последно време не бев љубезна кон себеси, чувствував дека не сум доволно добра и зборував за губење на килограмите со мојот сопруг пред децата. Не сфаќав дека нивните мали ушиња слушаат, а моите зборови им влијаат бидејќи јас сум личноста на која најмногу се угледуваат.

Понекогаш толку многу се обидуваме да бидеме некој друг и да се смениме, што не сфаќаме дека малите луѓе на кои им влијаеме секој ден ги применуваат нашите зборови и дела.

Не сакам моите ќерки да имаат чувство дека не се доволно добри и дека треба да се променат. Сакам да бидат горди на своите тела и на она што нивните тела ги прави уникатни. Не сакам моите синови да имаат нереалистични идеи за женските тела и да гледаат само вештачки работи. Убавината е над нечија големина. Важно е што имаме внатре, нашите дела и начинот на кој ги третираме другите.

Не сакам ниту едно од моите деца да го помине животот во тага и чувство дека не е доволно добро. Не сакам да ги поминуваат деновите во идеализирање на нереалистични, фотошопирани тела. Не сакам моите деца да засрамуваат други лица поради нивните тела или да ги нарекуваат со погрдни имиња. Сакам да ги прифаќаат сите.

„Не можам да го сменам светот, само моите мисли“

Постојано се прашувам како можам да го сменам ова, како да им влијаам на децата на позитивен начин кога ТВ-програмите постојано се исполнети со реклами за губење на тежината и диети, а социјалните медиуми се преполни со монтирани фотографии и совети за слабеење и убавина. Тоа е борба за изложеност во општеството која трае со децении.

Иако не можам да го сменам светот и неговите идеи, можам да ги променам моите мисли за себе и како тие влијаат врз моите деца. Можам да бидам внимателна со зборовите и да им покажам колку се гордеам со тоа што сум. Можам да бидам најдоброто влијание на моите деца ако ги водам со сопствен пример. Кога ја слушнав Лили како ги кажува тие зборови – тоа за мене беше повик за будење.

Автор: Џесика Худ

Извор



912

X