Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Имам девојче од 13 години. Пред околу 7 месеци почна во одреден период од денот да ги пресоблекува блузите. Ќе земе 4 блузи и една по една сите ќе ги пресоблече. По извесно време почна да го прави тоа во периодот од 23:30 минути до 00:30 минути. Само што една блуза ќе ја подигне и ќе ја спушти неколку пати. Сега излегува во ходник и ги пресоблекува чорапите – цело време набрзина едни исти чорапи ги облекува и ги соблекува и тоа трае по цел час. За тоа време таа е свесна, ако ја прашаш нешто, ќе ти одговори или ако зборуваме нешто интересно, ќе праша нешто. Значи цело време е присутна со мислата во секојдневниот живот. Многу е интелигентна. Тоа го прави секоја вечер во одредено време, а го прави понекогаш и преку цел ден кога е дома и кога немаме гости. Пред други луѓе се срами, а кога ќе ја прашам зошто го прави тоа, вели не знае. Ве молам за совет или каде треба да се обратиме.

Прашува: читателка

ОДГОВОР: Почитувана, според овие информации што ги давате можно е да станува збор за појава на одредена опсесивно-компулсивна симптоматологија. Очигледно кај вашето девојче тоа е поврзано со градење на некои ритуали на повторувачки однесувања кои на некој начин ја празнат насобраната тензија и овозможуваат смирување.

Во основата OCD симптоматологијата е поддржана од голема вознемиреност/анксиозност која бара постојано разрешување преку навидум нелогични ритуали на однесување. Овие ритуали што ги опишувате вашето девојче ги прави кон себе, што значи дека се ограничува емотивно да се изрази кон средината на некаков начин, затоа што можеби вие сте подоминантни, построги, имате големи очекувања, или забранувате и се плашите од одредени манеризми или развојни аспекти кај сопственото дете.

По описот на типот на активност (повторување, брзина, и сл. ), може да стане збор за неможност да ја изрази лутината, несогласувањето, да биде доминантна, влијателна и моќна. Што значи дека вашето дете можеби расте во средина во која се чувствува многу послаба и не успева да влијае, или пак честопати другите ги имаат решенијата за неа, ѝ ги нудат како најдобра опција наместо да ѝ се остави простор сама да ги смисли одговорите и реакциите.

Радмила Живановиќ, лиценциран психолог-психотерапевт

Опсесивно-компулсивното однесување е поврзано и со карактерна особина на перфекционизам, страв од грешка, потреба за ред, нетолеранција на хаос. Најчесто ваквите карактерни особености се појавуваат и кај некој од родителите, па се сепнуваат како изгледаат откако самото дете буквално ќе им ги нацрта пред нивните очи. Тоа се деца што не запираат, не одмараат, постојано ги опсервираат родителите и нивните реакции, не чувствуваат дека им е потребен одмор, постојано се во движење, активација. Нешто што очигледно не го гледаат дома како некаков модел на однесување за да знаат и самите како да се однесуваат.

Се смета дека ова однесување е поврзано и со компензација на сексуалниот нагон кој се развива, а кој не е поддржан да се пројави, па се врзува за себе наместо да се пројави кон надвор, некаков страв од сопствената сексуалност, сопствените потреби и желби, сопственото задоволство и дозволата да се чувствува и доживува. Може, исто така, да укажува на девојче кое не е запознато многу со телесните процеси, а доста интелектуално развиено и не знае како и со која зрелост да ги декодира и толкува импулсите што му ги праќа телото. Поточно, како што и самите велите, таа е доста интелектуално и когнитивно спремна, но како телото и емоционалниот развој да се занемарени и да се отуѓуваат од нејзината свесност. Таа и е во таа возраст во која не е ниту целосно девојка ниту дете повеќе. Тоа може да ја повлече и од една силно нагласена моралност, доколку е присутна во нејзината средина, не дозволува непримерените импулси да стигнат во свесност, затоа што кога би дозволила тоа да се случи, може да ѝ создадат вина и срам (веќе рековте дека така се почувствувала кога е со поголема група на луѓе). А сите тие природни импулси се доста нормални и природни процеси од кои не треба да се срамиме, нели?

За да се разгледа и да се дејствува на оваа симптоматологија потребно е да се примени комбиниран системски пристап и со девојката, но и со родителите, или со најдоминантната семејна средина, со цел да се утврди што стои во заднина на самото однесување и што го поддржува да опстојува, како и кои промени влијаат врз екстернализација на однесувањето. Воедно, многу е значајна свесноста и промената што родителите се спремни да ја направат со цел детето/младата девојка да се чувствува послободна да се изразува, без страв дека ќе биде казнета или осудена.

Одговара: Радмила Живановиќ, лиценциран психолог-психотерапевт во „Психотерапика“
е-пошта: psihoterapika@gmail.com / radmila.zivanovic@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.



912

X