Четири години потоа се родила и сестричката на Максим, па нивната мајка имала полни раце работа. Тогаш била принудена да ја напушти работата зашто на Максим му требало посебно внимание и посветеност

Бранкица Јованова е мајка на седумгодишниот Максим, дете со Даунов синдром.
Токму денеска, на 21 Март, Светскиот ден на лицата со Даунов синдром, ја сподели својата приказна, која ни малку не била лесна, особено на почетоците бидејќи во текот на бременоста не знаела дека детето има Даунов синдром, па дијагнозата ѝ била вистински шок.
Инаку, 21 Март е симболично одбран датум поради трите копии на 21. хромозом (трисомија 21) што се присутни во клетките на лицата со оваа состојба.

– На почетокот беше разочарувачки бидејќи Максим ни е прво дете. Знаевме што е Даунов синдром, но не беше доволно. Со текот на времето видовме и дека не е сè така црно. Имаме многу скалила за искачување, но фактот дека имам дете со Даунов синдром ме направи многу силна и упорна, и истовремено почувствував што значи вистинска и чиста љубов – вели таа.

Живеат во мал град, во Радовиш, па сите го познаваат Максим. Јованова вели дека Максим е добро прифатен од околината.

– Максим оди во градинка од 2,5 години. Нема проблем со другарчињата, ниту тие со него. Се надеваме дека така ќе биде и кога ќе тргне на училиште од септември. Секојдневно од градинката ни праќаат слики од нивните активности и како соработуваат со Максим -објаснува Јованова.

Родителите немаат работа, а немаат ни бенефиции

Четири години потоа се родила и сестричката на Максим, Деана, сега веќе тригодишна, па нивната мајка имала полни раце работа.
Тогаш била принудена да ја напушти работата зашто на Максим му требало посебно внимание и посветеност.

– За жал, во нашата држава родителите на деца со која било попреченост немаат никакви бенефиции. Нема болка во однос со растењето на детето, постои само упорност и трпение. Морав да бидам упорна да го научам Максим да седи. Бев упорна и имав трпение кога посетувавме физикална терапија за тој да прооди. Сега работиме на говорот и се спремаме за полагање за да може да тргне во прво одделение. Значи, имаме доста работа – додава таа.

Иднината на детето – тежок предизвик

Според неа, прашањето за иднината на дете со попреченост си го поставува секој родител.

– Како негова мајка, ќе дадам сè од себе да може Максим еден ден да биде самостоен. Имаме доволно примери дека ако се работи упорно со него, може да се постигнат високи резултати. Како кај секое дете, така и кај нив се крие некој талент – додава Јованова.

Очекува Максим од септември да тргне на училиште и да се вклучи во образовниот процес.

– За образование, знам дека имаат можности. Секако, треба да бидат прифатени од образовниот кадар, соучениците и, пред сè, од нивните родители. Но, за вработување лице со Даунов синдром е многу тешко. Токму на таа тема државата треба повеќе да размислува и да вложува – заклучува Јованова.

Неговата насмевка на сите фотографии од градинка е доволен доказ дека ова дете е среќно.

Фото: приватна архива



912

X