Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Мајка сум на две деца, бебе од 3 месеци и дете од 2,5 години. Нашето семејство го сочинуваме ние и свекрвата. Од неа добивам помош околу домашните работи (најчесто околу готвење, а обврските околу одржувањето на куќата се мои) и околу децата.
Проблемот е што поголемото дете сè повеќе се приврзува за бабата наместо за мене. Јас навистина имам обврски околу куќата бидејќи сум невработена, но детето претпочита да остане да се забавува со баба си наместо со мене. Некогаш дури претпочита да остане дома да гледа цртан филм со баба му наместо да излезе да се прошета или да игра некоја игра. Не одобрувам гледање цртани, но некогаш не можам да се справам со борбата на баба и детето да гледаат барем половина час цртани кои бабата му ги објаснува и се дружи со него. Бебето е моја обврска, таа не сака да се меша за да не го повреди, а за сметка на тоа поголемото дете неизбежно е да добие повеќе внимание од неа. Ве молам за совет како да се поставам кон детето, кое сè повеќе се приврзува за бабата.

(Околу воспитувањето на детето: ако некогаш треба да се прекори за нешто, веднаш добива поддршка од бабата и сожалување, мислам дека добива храброст да ми се лути, а и да не го почитува мојот збор).
Се надевам дека имате некој совет за тоа како да најдам решение за проблемот кој, искрено, не можам да го решам со свекрвата бидејќи таа мисли дека е во ред детето да се приврзува за неа (јас сум имала друштво, јас сум била мајка, па детето не можело да ме заборави, за што јас мислам дека не е во ред бидејќи го насочуваме детето на пат кој не е правилен). Поради начинот на кој детето не го почитува мојот зборот и како се разгалува во рацете на бабата, мислам дека нема да биде правилно воспитано.

Прашува: читателка

ОДГОВОР: Верувам дека многупати се чувствувате растргнати во смисла каде попрво во однос на вашите деца да понудите нега и грижа. Дополнително, позицијата во која моментално се наоѓате е навистина многу тешка, креира многу вина, особено кога ви недостига голем дел од поддршката и разбирањето за да бидете влијателна и авторитет за вашите деца. Очигледно тие што ви помагаат во растењето на децата недоволно разбираат, или подзаборавиле, низ каква борба поминувате, борба во која ем сакаат да ви помогнат, ем не се знае добро границата до каде можат и до каде е во ред да помогнат.

Вистината е дека и на двете деца доминантно им е потребна вашата поддршка, и постарото дете сè уште е во развоен период во кој силно е поврзано за вас, а помалото е целосно зависно од вашата грижа. Баш поради тоа и вината што ја чувствувате, која некако го задушува вашето прашање, како и тој вечен сомнеж „дали сум доволно добра мајка?“ верувам дека дополнително ве оптоваруваат и ви ја одземаат моќта.
Самото тоа што сте родилка ве става во дополнително сензитивна ситуација и ви се потребни огромна помош и разбирање околу растењето на децата. И верувам дека е тешко да држите сè во вашите раце и дека на моменти сè ви се лизга. И затоа што чувството дека го „губите“, метафорично, вашето прво дете е реално и болно, како што и многу други мајки се распаѓаат емотивно од тие рани сепарации. Да не зборувам дека можеби има и љубомора, која е природна, и честопати заради мир во семејството се допушта или се прават многу работи кои знаеме дека не се во ред, но просто не можеме и не знаеме како…

Драга обременета мајко, каде е таткото? Ја чувствувам вашата тежина, гледам како градите однос со неговото семејство, кој воопшто не е едноставен, а некако не го гледам него во вашето прашање. Не можете вие да ги водите и битките со неговото семејство без него, без неговите граници, без неговата дозвола. Едноставно, се чини дека недостига неговото присуство како татко на децата, но и како партнер во комуникација со неговото семејство. Доколку би можел да се вклучи во некој аспект и да ја олесни комуникацијата со неговото семејство, би било повеќе од пожелно.
За жал, ние живееме во така сплеткани семејни односи што навистина е тешко сè да се отплетка, поточно на крајот од денот никој не е целосно задоволен. Тоа треба и вам, но и на другите да им биде јасно.

Па еве се запрашувам и јас, како да ве поддржам без да влезам во некоја безизлезна патетика на македонскиот фолклор со кој сите некако во некоја фаза од животот се соочуваме или се бориме како родители. Што е паметно да ви дадам како насока, во така обременето време? Она на што можам да се потпрам се вашите можности за поддршка, вашата асертивност, како и вашето доживување на себеси како мајка, сега во овој момент.
Прво, дали можете да разговарате поасертивно со вашата свекрва околу вашите потреби? Како разговарате со неа? Дали успевате да ѝ ги кажете вашите барања? Што ве спречува? Дали сметате дека во моментов сте премногу емотивни? Па што ако сте, во ред е да сте емотивни, какви треба да бидете? Ако вашата свекрва не е спремна да ви биде мајка, тогаш нека остане ваша свекрва. Не очекувајте дека со неа ќе доживеете комплетно разбирање. Нешто можете да изигнорирате и не на секоја јадица да се фаќате. Обидете се со неколку пристапи и видете со кој од пристапите што добивате.

Дали сте разговарале за вашите барања со вашиот сопруг? Дали со него сте поразговарале околу сето ова што го пишувате? Каков одговор сте добиле? Ако не се согласува со сè што ви е потребно, со што се согласува? Што може тој да направи за да биде поприсутен за вас и за децата? Нели родителството е обврска на двајцата, а не само на жената, секако, не можеме на кантар секогаш да ги мериме обврските, туку да се обидеме да се разбереме и да го промениме она што можеме. Родителите најмногу им се потребни на децата во првите седум години од развојот.

Запаметете дека за вашето дете вие сте првата котва, првиот јазол, првата врска со светот и навистина нема потреба да се преиспитувате, ниту да давате отчет за мајчинството

Кој друг може да ви помогне и со што? Со малото, со поголемото, со домашните обврски? Дали сметате дека сè можете сами да завршите? Што е она што сте спремни да им го препуштите на другите, а што не? Направете листа. Еве можете да ја направите првата листа за вашата свекрва, со што сте ОК од нејзина страна, со што не сте ОК? Пред да ѝ го упатите барањето, прво донесете ѝ го она со кое сте ОК, а во однос на она за што не сте ОК, поставете го како барање: Сакам да…. Потребно е…., без многу објаснувања. Не обидувајте се да сметате на нејзината свесност дека треба да знае како се чувствувате, туку обидете се вие да ги искажете барањата, без притоа да се натегате и мерите со неа која колку време поминува со детето. Обидете се да ја направите сојузник, но и да ѝ ставите јасна граница до каде е во ред за вас да функционира тоа сојузништво.
Можете да го ограничите времето за нејзина грижа и играње со постарото дете во голем дел и кај вас во домашни услови, наместо само кај нив. Така ќе можете и вие да се чувствувате помирни, но и да дознаете повеќе за играта и дали би требало да бидете воопшто загрижени.

Ве замолувам само да не се натпреварувате преку детето за вашата позиција, на тој начин кажувате дека ова е борба во која треба да има победник, кога вие сте веќе победникот со самото тоа што сте нивна мајка. Сепак, вашите деца треба да знаат дека вие не го преиспитувате вашето место во нивниот живот и никој не може да ви го земе сè додека вие самите не ја предадете штафетата неосновано. Се знае и се чувствува која е мајка на децата поради љубовта, вниманието и грижата, поради вашиот пулс и топлината на тие примарни и основни механизми на поврзување и во право е вашата свекрва кога вели дека никогаш детето нема да ве заборави (очигледно давајќи одговор на вашиот сомнеж дека ќе ве заборави). Искрено, таков сомнеж воопшто не треба да имате, ниту да се преиспитувате. Од вашите тврдења и прашања тече сомнежот и нестабилноста во релацијата.

Запаметете дека за вашето дете вие сте првата котва, првиот јазол, првата врска со светот и навистина нема потреба да се преиспитувате, ниту да давате отчет за мајчинството. Напротив, гледајте во она што со леснотија и успех го правите, бидете горди на вашата посветеност и максимумот кој го давате, и тоа имајте го постојано пред себе, во релација со децата, во релација со партнерот, во релација со свекрвата. И понекогаш запрашајте се: Каква мајка сакам да бидам за моето дете? наместо каква мајка сака моето дете да има?, прашање во кое тешко се наоѓа одговорот и носи само сомнеж и збунетост. Единствено кога го разбирате вашето посебно значење, без да го барате од другите, повеќе нема да се плашите за сопствената вредност и значење во животот на вашите деца.

Одговара: Радмила Живановиќ, лиценциран психолог-психотерапевт во „Психотерапика“
е-пошта: psihoterapika@gmail.com / radmila.zivanovic@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.



912

X