Надица Илиевска, дипломиран нутриционист

Надица Илиевска, дипломиран нутриционист

„Нутриционист консалтинг“
тел. 078 221 044
е-пошта: nutricionistkonsalting@gmail.com

Повеќе од авторот

Доколку родителите сакаат нивните деца да бидат вегетаријанци или веќе имаат дете вегетаријанец, добра идеја е да побараат совет од педијатар и професионален нутриционист. Вегетаријанската исхрана, доколку не е правилно испланирана, избалансирана и разновидна, нужно не значи дека ќе биде и здрава

Вегетаријанството како начин на исхрана станува сè почест избор на многу поединци и семејства. Луѓето го избираат вегетаријанството од различни причини, некои од етички, здравствени, некои од верски и културолошки. Доколку родителите се вегетаријанци, вообичаено сакаат и нивните деца да се хранат на таков начин. Денес вегетаријанството станува чест избор и кај адолесцентите чии семејства не го практикуваат истото.

Науката докажа дека откажувањето од консумирање месо во корист на повеќе растителна храна помага во одржувањето добро здравје. Издржаните студии се спроведени претежно на возрасна популација, што нè води до прашањето дали вегетаријанството е безбеден избор за децата, чиј организам е во раст и има зголемени енергетски и нутритивни потреби? И дали родителите можат да бидат сигурни дека прават правилен избор на храна која ќе ги задоволи нивните потреби за правилен раст и развој кога практикуваат вегетаријанство?

Генерално, за повеќето здрави деца вегетаријанската исхрана може да обезбеди нутритивни алтернативи за намирниците што не се консумираат. Сепак, неопходно е да се посвети специјално внимание за децата што се вегетаријанци, со напомена дека стриктната веганска исхрана која не вклучува риба, јајца и одредени млечни производи не се препорачува за деца до 7-годишна возраст.

За да бидете сигурни дека децата консумираат доволно од сите нутриенти, нивната исхрана мора да вклучува: квалитетни протеински извори како јатки, легуменози, јајца, ферментирани млечни производи. Доволно храна богата со железо за да се превенира анемијата. Доволно витамин Д и калциум. Здрави масти и можеби најважното – доволно витамин Б-12. Недостигот од овој витамин се детектира најчесто по третата година од практикувањето на вегетаријанството. Растителни извори на овој витамин постојат, но во организмот тие потешко се апсорбираат и се искористуваат. Секако, важно е да се нагласи дека намирниците треба да се правилно искомбинирани за да може целосно да се искористат во организмот.

Науката докажа дека откажувањето од консумирање месо во корист на повеќе растителна храна помага во одржување добро здравје. Издржаните студии се спроведени претежно на возрасна популација, што нè води до прашањето дали вегетаријанството е безбеден избор за децата, чиј организам е во раст и има зголемени енергетски и нутритивни потреби?

Препорачани извори на протеини за младите вегетаријанци треба да бидат јајцата, рибата, целозрнестите житарки, легуминозите. Мали количества протеини треба да бидат вклучени во секој оброк. Кога станува збор за целозрнестите житарки, нивната подготовка треба да биде внимателна затоа што во себе поседуваат антинутриенти кои во организмот ја отежнуваат апсорпцијата на минералите. Исто така, внимателно со диетните влакна во исхраната на децата вегетаријанци, нивната дигестија е потешка и имаат способност да ги врзуваат мастите, кои се неопходни за раст и правилен развој. Диетните влакна се неопходни за добро здравје и, за жал, децата ретко ги консумираат во задоволителна количина, но премногу билни влакна даваат ситост со мал енергетски внес и постои можност децата да не го достигнат препорачаниот енергетски внес за нивната возраст.

Доколку родителите сакаат нивните деца да бидат вегетаријанци или веќе имаат дете вегетаријанец, добра идеја е да побараат совет од педијатар и професионален нутриционист затоа што вегетаријанската исхрана, доколку не е правилно испланирана, избалансирана и разновидна, нужно не значи дека ќе биде и здрава.



912

X