Хипернапорни, хиперпаметни, хиперпоинакви… еден ден сепак ќе мора да заминат од нас.

Пред вашето дете да го наречете хиперактивно, хиперчувствително или на кој било друг начин да го декларирате како посебно, добро размислете дали тоа навистина е така, дали вашето дете е толку посебно и поинакво и што всушност правите со тоа што се однесувате кон детето на таков начин.
„Моето хиперактивно дете бара посебно внимание“.
„Не можам да го натерам да јаде, едноставно е такво“.
„Кога не го добива тоа што го сака, настапуваат сосема нормални напади на гнев кои ги викаме тантруми – бидејќи тој е сосема поинаков и таков е“.
„Сако кога има телефон е мирен“.
„Него го интересираат само игри“.

Хипернапорни, хиперпаметни, хиперпоинакви… еден ден сепак ќе мора да заминат од нас.

Детето учи за себе низ нашиот однос кон него

Пред вашето дете да го наречете хиперактивно, хиперчувствително или на кој било друг начин го декларирате како посебно, добро размислете дали тоа навистина е така, дали вашето дете е толку посебно и поинакво и што всушност правите со тоа што се однесувате кон детето на таков начин.
Освен во случај кога дефектолозите и невролозите ќе проценат дека имате хиперсензитивно дете кое навистина реагира на малку посилен звук, светлина и слично, или хиперактивно кога навистина ја надминува развојно-здравата засилена активност кај децата, нема причина вашето дете да го третирате на посебен начин.
Секое дете е единствено и секое дете, вклучително и дете со попреченост, има потреба да си игра, да се дружи, да учи, спие, јаде… но и да се подготви за живот во реалниот свет.

Врз база на начинот на кој се однесуваме кон него, детето ќе создаде слика за себе. Ако вие го доживувате како специјално чувствително или поинакво, и тоа ќе формира токму таква слика за себе. Како сакате да се гледа себеси кога ќе порасне? Токму така третирајте го веднаш.

Детето го гледа светот низ нашите очи

Светот е таков како што го доживувате и тоа во голема мера ќе му го пренесете на своето дете. Како вие го гледате овој свет? Дали сè е црно и непоправливо или животот има и свои прекрасни страни? Дали се чувствувате прифатени во светот што ве опкружува? Дали светот е опасен? Какви се луѓето што ве опкружуваат?

„Ти си посебен, но светот не го разбира тоа“.
„Другите деца се себични“.
„Види колку си добра ти, а какви се тие…“
„Воспитувачката излегува на крај со дваесетина деца во групата, но не разбира и не умее со тебе бидејќи ти си посебен, поинаков, специјален…“
„Светот не е чувствителен на твоите потреби, ти си прекрасен, а светот е едно грозно и страшно место, но не грижи се, јас сум овде да те заштитам, да те спасам, да направам нешто наместо тебе…“
Дали тоа е светот каде што сакате да го испратите своето дете?

Наша задача е да ги оспособиме децата за живот кога ќе нè нема

Постојат различни ситуации, убави и неубави. Такви што предизвикуваат и такви што многу предизвикуваат. Постојат и различни однесувања – некои се во ред, некои не се. Реакции што се во согласност со возраста и такви што не се.
Нема помалку да го сакате детето ако неговото однесување го насочите кон вистинската страна. Нема помалку да го сакате ако не му ја исполните секоја желба. Можеби ќе ви се чини дека помалку ве сака – но само во моментите на гнев кој исто така е нормален и составен дел од цела низа емоции кои детето треба да ги почувствува и да ги доживее. Ќе ве сака повеќе, особено кога еден ден ќе сфати дека токму вие сте го направиле способен за живот!
Да се поддржи развојот на детето значи токму тоа. Да му се укаже дека може да го направи нештото, дури и кога е тешко.
Вашето дете е здраво – така и третирајте го;
Вашето дете е во ред – така и третирајте го;
Вашето дете е способно – така и третирајте го;
Вашето дете е безбедно – така и третирајте го.
Другите луѓе се во ред – така претставете му ги на детето;
Светот е безбедно место за живеење со сите свои предизвици – така претставете му го на детето.

Само од таа позиција во која детето има позитивна слика за себе, за другите луѓе и светот, може да порасне во здрава единка, личност способна да плива во море од предизвици, да се радува и да го сака животот што сте му го подариле.

 



912

X