Егзистенцијалните проблеми се најчестите предизвици на родителите, а најмудри се родителите што учат од своите деца. Ова се само две поенти од кусиот, но содржаен разговор со м-р Лидија Зорба, психолог и психотерапевт. Таа зборува и за односот родител-дете, за создавање генерации зрели луѓе кои имаат доволно самодоверба за да можат непречено да го напуштат родителскиот дом и да одгледуваат здрави поколенија, за љубовта и потребата од спорт, заштитата на животните…

Кои се најчестите предизвици со кои се соочуваат денешните родители?

– Најчести се егзистенцијалните проблеми. Произлегуваат од задоцнетото созревање, проследено со дефицит на самодоверба и одговорност. Едно од најголемите стравувања на родителите во Македонија е дали ќе можат финансиски да опстанат и да ги задоволат сопствените потреби и потребите на децата за живот, школување, лекување… Потоа следуваат стравувањата за тоа каде ќе го вработат детето што го завршило школувањето. Ова е поврзано со сериозни прашања и проблеми од социо-психолошка природа кои се специфични за нашиот менталитет. На оваа тема многу малку е зборувано и не верувам дека наскоро некој посериозно ќе се заинтересира за неа. Тоа засега длабоко во општествената невроза, а тоа е болно и политичко прашање.

Егзистенцијалните проблеми на родителите во ова општество датираат од многу одамна. Имаат социо-политички и психолошки основи. Тесно се поврзани со традиционални клишеа на однесување кои се пренесуваат од генерација на генерација. Невозможно е со неколку реченици да се објасни како луѓето овде стасаа до тој степен на сиромаштија во кој двајца возрасни и работоспособни луѓе не можат или многу тешко успеваат самостојно да планираат семејство и да обезбедат долгорочна егзистенција на семејството без поддршка од родителите или криминал.

Каде најчесто грешат и како да се поправат?

– Во (не)давањето личен пример. Многу родители бараат децата да бидат нешто што тие самите не се. Најдобар пример е личниот пример. Децата не го следат она што ќе им се каже, туку она што го гледаат како пример. Медиумите имаат огромна улога во креирањето на моделот на родител, но исто така и во креирањето на вредносниот систем кај децата. Моделите на мајка-татко што се пласираат преку медиумите честопати се нереални, идеализирани или изместени.

Што може да се научи од работата со деца?

– Најмудри се родителите што учат од своите деца. Од децата може да се научи многу – искреност, едноставност, креативност, емпатија, фантазија без граници… За жал, работејќи со децата, научив дека сè повеќе деца не се среќни со родителите, не се чувствуваат безбедно со нив, ниту пак ги делат нивните вредности. На децата им се потребни љубов, спокој и поддршка во домот. Надвор од домот потребни им се предизвици и добри учители кои ќе го надополнат нивното знаење и искуство. Само така општеството може да создава генерации зрели луѓе кои имаат доволно самодоверба за да можат непречено да го напуштат родителскиот дом и да одгледуваат здрави поколенија.

Тренирате бодибилдинг, како се надополнуваат психологијата и спортот?

– Совршено. По долги години активно занимавање со спорт, психологијата ми беше природна надградба на она што веќе го научив на тренинг.

Веќе подолго време се занимавате со научноистражувачка работа…

– Да, и сакам тоа искуство и знаење што го стекнав да им го пренесам на луѓето што сакаат да се усовршуваат во областа на психологијата и да работат на својот личен развој. Мојот потесен интерес е психоонкологија, а при крај сум со докторската дисертација.

Истовремено сте и активист за заштита на животните. Што друго Ве интересира?

– Многу сакам животни. Се трудам колку што е можно да помогнам повеќе животни што се оставени на улица да бидат згрижени кај добри луѓе кои имаат разбирање на нивните потреби. Животот со животни му дава друга димензија на секојдневието и мислам дека свесноста за придобивките од живот со животни ќе расте кај луѓето.
Ме интересираат дневнополитички настани. Ги следам од социо-психолошки аспект – политиката произлегува од психологијата на луѓето што живеат во едно општество. Сакам да бидам активен чинител во она што се случува во општеството во кое живеам. За мене тоа значи одговорност и би сакала што е можно повеќе млади луѓе да земат активно учество во креирањето на политиките во државата.



912

X