Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Имам син од 4 години и ќерка која има една година. Син ми е многу љубоморен на сестра си. Тоа го искажува преку напади на бес. Мава со играчки, мава по мене, се треска од земја, вреска и писка. Пробав со убаво, но не помага, пробав со тепање по задникот, но и тоа не помага, а ни со казни. Почна да води инает и за јадење. Од сето ова станува само полошо. Како да постапувам, што да направам?

ОДГОВОР: Ја разбирам вашата вознемиреност. Вашето поголемо дете е на возраст кога почнува да ја потврдува својата индивидуалност, а истовремено се бори за вашата љубов и ги тестира границите.

На оваа возраст тој сѐ уште ја развива контролата на импулсите, не умее да ги изрази своите чувства, а сѐ уште ја развива и емпатијата кон другите. Тој всушност нема многу емпатија кон својата сестра и сè уште не знае како соодветно да се справи со својот гнев, кој доаѓа од чувството на беспомошност и затоа протестира на начинот што го опишавте. Овој начин на однесување претставува очаен и невешт обид да се привлече повеќе внимание и уверување дека вие сте тука и дека без разлика на сѐ, сѐ уште го сакате.

Зад гневот секогаш се наоѓа стравот, тагата, чувството на повреденост, во овој случај тоа може да биде страв од губење на љубовта на родителот или болка поради чувството дека не може да се натпреварува со толку мало, беспомошно и секако фасцинантно дете за мама и тато, вашата ќерка. Затоа е многу важно да ја моделирате смиреноста. Сфаќам дека е тешко да се остане трпелив во сите овие ситуации, особено кога сте загрижени за неговата безбедност и безбедноста на вашата мала ќерка.

Што да се прави? Најпрво, важно е да ги прифатите реакциите на вашето дете, да не го обвинувате или казнувате за она што го чувствува, да го прифатите и да се обидете да ги вербализира, прашувајќи го што го мачи, дали има нешто што го загрижува, што би сакал и објаснете му зошто не може секогаш да го добие она што го бара. Поставувајте граници и бидете доследни. Важно е да разбере дека има право да се чувствува така како што се чувствува, да се лути, но дека гневот, фрлањето предмети, удирањето не се прифатливи бидејќи може да им наштетат на другите. Нека ви покаже колку е лут. „Нацртај слика и покажи колку си лут“ или „Можеш ли да ја треснеш оваа перница и да ми покажеш колку си лут?“

Помогнете му и дозволете гневот и стравовите да се претворат во солзи. Бидете со него, спуштете се на негова висина и прегнете го, вдишете длабоко и запомнете дека тој е добро дете на кое му е потребна вашата помош, во тие моменти посебно: „Гледам дека си лут.. Кажи ми што се случи…?“
Направете простор специјално за него, ако не зборува, обидете се да замислите што чувствува: „Се прашувам дали понекогаш ти е тешко што сестра ти…“, а од друга страна потенцирајте ги сите позитивни однесувања во кои тој се впушта кон неговата помала сестра. Забележете ги сите позитивни работи што ги прави за неа, како: „Колку е убаво кога ѝ ги даваш своите играчки на сестра ти“, „Толку си забавен“, „Никој не ја смее сестра ти како тебе“.

Вклучувајте го во грижата, но не премногу, во смисла да ви подаде некои работи, кога одите надвор да помогне да ја изнесете количката, одвојте време само за него да прошетате и да разговарате, читајте сликовници на таа тематика, и во многу случаи употребете хумор и смејте се заедно 🙂

Пред сѐ, тој е дете и има потреба од гушкање, наклонетост, бакнежи, нежност без разлика што понекогаш прави работи кои тешки се поднесуваат. Верувам дека со ваше водство, со голема љубов, доследност и разбирање, како и поставување граници, вашето дете нема да се плаши дека ќе ве изгуби и ќе умее на друг начин да ги изразува своите чувства и да развива подобра врска со својата мала сестра.

Доколку имате потреба од разговор и дополнителна помош за развојот на вашето дете, потребно е да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com

Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување 
е-пошта: sovetuvanje@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X