д-р Зоран Трајчев, стоматолог

д-р Зоран Трајчев, стоматолог

Стоматолошка ординација „Орбис Дент”
тел. 070 818 719

Повеќе од авторот

Рубриката Совети од стоматолозите е поддржана од „Лакалут“

Иако млечните заби се менливи, најинтензивниот развој на орофацијалниот систем (забите, устата и вилиците) се случува точно во тој период

Прашањето што секојдневно ме мачи: зошто процентот на расипани и неуредно негувани млечни заби сè уште е толку висок? Доколку се споредиме со западноевропските земји, негата на млечните заби е неколкукратно пониска.

Можеби во споредба со минатото бележиме напредок, и тоа се должи на упорноста на нас, стоматолозите, но пред сè на родителите во нивната секојдневна заложба за нега на забите кај нивните деца. Во целата оваа приказна не смееме да ги заборавиме и медиумите. Во тој успех и тие имаат свој резултат. Но, мораме да бидеме искрени и свесни дека имаме уште работа, сите заедно, да бидеме погласни, поупорни и верувам дека ќе успееме да го достигнеме посакуваниот резултат.

Она што е многу важно и сакам сите родители да го знаат е дека иако млечните заби се менливи, најинтензивниот развој на орофацијалниот систем (забите, устата и вилиците) се случува точно во времето на млечните заби.

Затоа, моето мото е: превенција, превенција, превенција! Зошто? Сметам дека интервенциите во овој период треба да ги оптимизираме тогаш кога ќе бидат навистина потребни. Поради тоа, велам – тука сме и отворени за совет, за да спречиме, а кога е неопходно да лекуваме.

Јас постојано разговарам со родителите на моите најдраги пациенти и горд сум што ме слушаат, но сакам да ја искористам оваа пригода да упатам јавен апел до сите родители дека тие се должни да обратат внимание и да овозможат максимална нега на млечните заби кај своите деца. Здравите млечни заби кај децата овозможуваат правилно џвакање на храната, правилен говор, развој на орофацијалниот систем и она што е исклучително важно, го чуваат просторот за адекватно позиционирање на трајните заби.

И минатиот пат зборувавме за тоа дека грижата за забите почнува од најрана возраст. На таа тема би сакал да го додадам следново, уште пред појавата на првите млечни заби, препорачливо е да се чистат гингивите на бебето со чиста и влажна газа, особено по доењето или по исхрана со млечна формула. Избегнувајте на децата да им давате засладени напивки (чаеви, сокчиња), особено преку шишенца со цуцла. Колку побрзо ќе го одвикнете детето од цуцла, толку подобро. Мојот совет е цуцлата да ја замените со сламка. Сега има шишенца со сламка што не протекуваат, практични се и вашето дете многу брзо ќе се навикне на нив. Одвикнувањето од цуцла е од исклучителна важност поради тоа што долгата употреба може да предизвика неправилности во развојот на забите и вилиците. Имено, децата што ќе стекнат навика да употребуваат цуцла ја стекнуваат и навиката на цицање на палецот. А за тоа сите ќе се сложиме дека не е убава навика и што е најважно, негативно влијае врз развојот и доведува до појава на искривени предни заби и отворен загриз. Плус, секогаш може да биде погодна средина за пренос на инфекции кај децата.

Родителите не треба да одат по линија на помал отпор, вистински е важно да им се посветат на своите деца, иако тоа од нив ќе бара време, посветеност… но целта ги оправдува средствата, нели?

Затоа, би сакал да упатам уште неколку корисни совети:

• Избегнувајте да создадете навика вашето дете да заспива со шишенце, многу е подобро да го нахраните детето пред да оди во креветче.
• Создајте навика да ја одржувате денталната хигиена кај вашето бебе со појавата на првото запче.
• Додека детето не создаде навика за правилно користење на забната паста, односно да се избегне нејзино голтање, подобро е забите да ги четкате со четкичка за заби без да нанесете паста или поминете ги со влажна газа.
• Кога детето ќе научи да исплукува, може да се почне со користење на забни пасти со флуор.
• Количината на паста што се нанесува на четката треба да биде многу мала, кај децата над три години да биде во форма на зрно грашок, а кај помалите и многу помалку од тоа.
• Цуцлата на бебето не смее да биде натопена со засладувачи или мед, а нејзиното користење треба да се прекине најдоцна на возраст од две и пол до три години.
• Уште по првиот роденден почнете да го навикнувате детето да пие од чаша наместо од шишенца.
• Внимавајте на честотата на давање разноразни слатки и чоколада.
• Развивајте навика на здрава исхрана кај детето уште од најрана возраст.

Придржувајте се до овие правила,  тие нека ви станат навика, со тоа ќе обезбедите правилен раст и развој на орофацијалниот систем кај вашето дете. Доколку имате некои прашања, не оставајте ги неодговорени, побарајте совет. Ве уверувам, ние, стоматолозите, се радуваме на секое прашање што се однесува на превенцијата, без разлика на возраста на пациентот. Сите заедно мораме да работиме на градење на денталната култура.



912

X