Постарите од 67 години ќе можат да се движат само 6 часа во денот, од 5 наутро до 11 претпладне, а младите до 18 години, само 9 часа – од 12 напладне до 21 часот. Полицискиот час за сите граѓани ќе важи од 21 до 5 наутро. Ова се најновите рестриктивни мерки за спречување на ширењето на коронавирусот во Македонија, донесени на поладневната седница на Владата, а премиерот Оливер Спасовски ги соопшти на телевизијата „ТВ24“.

Целта е да се спречи физички контакт помеѓу најстарата група граѓани кои се најризичната категорија и најмладите кои најмногу го шират вирусот.
– Ова беше предлог на комисијата. Имаме две категории на ризични граѓани – млади лица до 18 години и повозрасни, од 67 години нагоре, најосетливи во здравствена смисла. Младите пак, се најголеми преносители на вирусот – рече Спасовски.

Постарите лица од 67 години ќе можат да се движат од 5 наутро до 11 часот. За тоа време ќе можат да ги купат неопходните работи. Младите до 18 гoдини ќе можат да се движат од 12 напладне до 21 часот.
– Логично, во ист момент нема да имаат контакт двете ризични категории. Според епидемиолозите, младите имаат многу лесни симптоми, дури и не препознаваат дека имаат вирус, а лесно го пренесуваат – рече Спасовски.

Владата соопшти уште една одлука – полицискиот час е поместен од 21 часот до 5 наутро, заради гужвите што се создадоа во јавниот превоз и заради потребата на граѓаните да стигнат на работните места во утринските часови. Новите одлуки за ограничување на движењето ќе важат од 24 март.

Спасовски нагласи дека на редовен состанок со кризните штабови утре сабајле ќе одлучат дали воопшто треба да имаме јавен превоз или да се стави во мирување.

– Зависи како ќе се развиваат настаните и колку граѓаните ќе ги почитуваат мерките.
Здравјето на сите мора да биде врвен приоритет за сите граѓани, не само за институциите. Ништо не е исто, не само кај нас, туку во светот. Само со врвна дисциплина на сите ќе придонесеме ова да трае помалку и да излеземе со помалку последици од оваа состојба – рече Спасовски.



912

X