Воспитување

Со новороденчето доаѓаат и советниците. Тазе родители, прво слушајте се себеси!

Кога бебето ќе дојде во домот, особено ако е прво во семејството, младите родители ќе ги дочекаат безброј совети и советници. Пријателката ќе ја убедуваат мајката едно, кумата ќе тврди дека баш тоа не смее да се прави, па двете баби ќе бараат нивниот збор да биде последен бидејќи, се разбира, тие најдобро знаат.

Секоја од нив е одлична мајка, но на своите деца, па убаво заблагодарете се за добрите намери, свртете се кон своето чедо и слушајте ги неговите желби и потреби. Ќе згрешите, па што? Тоа е дел од родителството. Нема да бидете ниту први ниту последни родители што не сфатиле од почеток што треба, а што не треба да прават. Ако баш ве интересира, еве ги најчестите грешки…

1. Ставање на бебето под стаклено ѕвоно

Добрата хигиена е извонредно важна, особено во првите недели од животот на бебето, но тоа не значи дека секоја работа што доаѓа во контакт со него вие треба да ја бришете со алкохол, ниту дека секој час треба да ги стерилизирате шишенцата, цуцлите, приборот за јадење. Претерувањето може да ви се удри од глава бидејќи бебето нема да развие силен имунитет. Ова, се разбира, не важи во првите денови и недели од животот на предвремено родените бебиња, бидејќи тие се поподложни на инфекции и нивните одбранбени механизми побавно се развиваат.

2. Затоплување на бебето и просториите

Точно е дека организмот на бебињата е премногу чувствителен во првите недели и дека не треба да ги разголувате децата за да не настинат, но не е во ред ниту многу да ги топлите. Ќе почнат да се потат, а тоа го зголемува ризикот од настинка, поради промена на температурата, но и од исип. Во просторија која е загреана на 20-22 Целзиусови степени на бебето ќе му биде доволно памучно ќебе кое ќе му ги покрива и стапалата. Доколку забележите дека дланките или стапалата му се поладни, затоплете ги, а ако се поти во пределот на вратот и главата, ослободете го бебето од вишокот облека.

3. Одење на прсти и во текот на денот и во текот на ноќта

Одење на прсти, гаснење на телефонот и сите уреди не е препорачливо бидејќи на бебето ќе почне да му пречи и најмалиот шум. Кога ќе наполни еден и пол месец циклусот на спиење се менува и сонот на бебето почнува да се усогласува со периодите на светлина и темнина во текот на денот. Спиењето во текот на денот ќе почне да се скратува, па ноќниот сон ќе го преземе приматот. Во текот на дневните дремки бебето треба да се навикнува на нормални звуци од околината.

4. Секојдневно темелно бањање со сапун

Секојдневното користење сапун, дури и оној за најчувствителна кожа, го отстранува заштитниот слој од кожата и таа станува почувствителна. Ќе биде доволно бебето да го бањате секој втор ден, а по секое менување на пелените добро да го исчистите задникот со влажни марамчиња или влажен сунѓер.

5. Терање инает со бебе што плаче

Новороденото бебе секогаш плаче од некоја причина – или е водено или е гладно, можеби му е ладно или премногу топло. Премногу е мало за да умее да манипулира, па затоа кога ќе заплаче, веднаш земете го во прегратка и отстранете ја причината за вознемиреност.

Така бебето ќе стекне доверба во родителите бидејќи на тој начин му покажуваат дека се тука кога му се најпотребни.

6. Запоставување на сопствените потреби

Многу мајки се трудат веднаш по породувањето да бидат на врвот на задачата, да бидат дотерани, одморени, весели, насмеани, да најдат време за остатокот од семејството и пријателите иако не им се прави ништо од тоа. Варијациите во расположението се нормални, како и заморот, па би било во ред малку повеќе да се посветат на себеси и на своите потреби, а туѓите очекувања да ги стават настрана, барем додека не се воспостави хормонскиот баланс. Доколку велите дека сте добро дури и кога не се чувствувате така, ќе ја губите енергијата и ќе се чувствувате лошо. Природно е да имате страв, нормално е да не се чувствувате подготвени за сето она што мајчинството го носи со себе и сосема е во ред да побарате помош од најблиските, особено во првите недели по доаѓањето од породилиште.

Само бидете нежни кон себе, слушајте го бебето и неговите потреби, но и себеси и ритамот кој ви одговара.

Извор

Поврзани написи

To top