Здравје

Митови и вистини за бременоста во лето. На бебето не му е жешко во стомакот

Трудниците добиваат многубројни совети што не се стручни и немаат основа, на пр., дека морето е опасно затоа што е студено. Што е всушност вистина, објаснува гинекологот Ула Мартон.

Настанувањето на новиот живот е волшебно, но кога на тоа ќе додадеме многу „народни и бапски“ приказни за тоа што смеат трудниците, а што не смеат, особено во текот на летните месеци, добиваме неколку доста неверојатни митови поврзани со бременоста во лето. Еден од најчестите митови е дека на трудниците, без оглед на горештината во лето, секогаш им е жешко.
Точно е дека температурата на телото на трудницата е малку повисока од вообичаената поради зголемената работа на организмот заради бебето што се развива, но неточно е дека трудниците постојано се препотуваат.

Во бременоста кожата е почувствителна

Кога е во прашање горештината, еден од широко распространетите митови е дека трудниците не смеат да се сончаат на плажа зашто тогаш бебето во стомакот е изложено на дополнителна топлина. „Бебињата се апсолутно заштитени со регулацијата на телесната температура на мајката“, појаснува гинекологот Ула Мартон. Со други зборови, трудничкиот стомак смее (умерено) да се сонча зашто внатрешната температура ја регулираат механизми на кои не влијае изложеноста на сонцето. Сепак, важно е трудницата соодветно да се заштити од сончевите зраци од 12 до 17 часот, и тоа со крем со висок заштитен фактор зашто во бременоста кожата е почувствителна.

Следниот мит е поврзан со проширените вени – дека трудниците би требало да си ги покријат нозете со крпа. Во реалноста тоа не е добро да се прави зашто се создава „перница“ од топол воздух што ситуацијата со вените ќе ја направи уште полоша. Исто така, еден од најчестите митови меѓу народот е дека трудниците не смеат да се капат во море поради студот, туку дека е подобро да се капат во базен зашто таа вода е потопла од морската.
Познато е дека морето има благотворно дејство врз телото и дека капењето во море е поприфатливо отколку во базен. Поради несоодветните хигиенски услови во базените, трудницата е под ризик од габични и бактериски инфекции.

Мит 1: Сончањето е опасно

Едно од народните верувања е дека на трудницата секогаш ѝ е топло и дека сончањето може премногу да го загрее бебето во стомакот, па за трудниците е најдобро воопшто да не излегуваат на сонце.
Совет: Умерено сончање пред 11 и по 17 часот може само да ви користи, а детето во матката е заштитено од прегревање. Пијте доволно вода и мачкајте се со крем за сончање.

Мит 2: Избегнувајте го морето

Морето е премногу студено, па трудницата може да доживее шок додека се капе. Затоа е подобро да се капе во базен или во бања, е препорака што често ја слушаат многу трудници.

Совет: Пливањето во море е извонредна физичка активност за трудницата, а во базен постои опасност од габични и бактериски инфекции, кон кои сме склони во бременоста.

Мит 3: Водениот костим е ок

Во лето костимот за капење брзо се суши и не треба да се преслекува штом ќе излезете од вода. На плажа треба да ги прекриете нозете со крпа за да не ви се прошират вените, е совет кој уште може да се слушне.
Совет: Секогаш треба да го сменувате водениот костим за да спречите воспаление на мочниот меур. А баш спротивно – никако не треба да ги прекривате нозете со крпа зашто баш така може да ви излезат вени.

Мит 4: Солено или благо

Еден од митовите што ќе ги слушне трудницата во секое годишно време е дека ако има желба за благо, носи девојче, а ако сака солено, носи момче. И дека на бебето ќе му се појави дамка ако мајката посака некоја храна.
Совет: Тоа што го јаде мајката во бременоста нема никаква врска со полот на бебето, но може да влијае врз здравјето. Во овие жешки денови треба да јаде лубеница, бобинки и зелен зеленчук.

Поврзани написи

To top